Филипче ќе се вакцинира јавно, апсолутно е убеден во безбедноста на вакцините

„Целта на COVAX системот е да овозможи еднаков пристап до вакцините на сите земји што аплицирале во тој систем. Тоа значи дека во практично исто време, тогаш кога ќе стигнат првичните количини, тие ќе бидат еднакво дистрибуирани, во соодветен процент според населението, да стигнат до земјите“, изјави министерот за здравство Венко Филипче, во „Магазин“ на ТВ „Сител“, објаснувајќи ги механизмите преку кои Македонија ќе може да набави вакцини за ковид-19.

Тој истакна дека од минатата недела на земјава ѝ се отворила и можност за набавка на вакцини преку системот кои земјите членки на ЕУ го имаат на располагање а поради кои не им е потребен COVAX, а тоа се директни разговори и преговори со двете компании кои ги произведуваат вакцините – Pfizer и AstraZeneca.

„ …И ние тоа и го направивме. Значи, во овој момент, освен COVAX системот преку којшто веќе аплициравме и се одреди буџет за плаќање на првичните суми коишто требаше како гаранција да се платат – тоа го обезбеди Владата со последниот ребаланс на буџетот, како втор механизам е практично директните разговори. Со двете компании потпишавме договор за тајност на податоците за време на разговорите – минатата недела со Pfizer, оваа недела очекуваме одговор и од AstraZeneca. Што значи може да очекуваме и по сосем друг механизам дополнителна количина на вакцини. И третиот механизам, а тоа е преку земјите членки на ЕУ, заради тоа што во нивните договори освен одредена количина којашто се обезбедува за нивните граѓани, имаат една количина којашто е наменета за останатите земји кои не се членки на ЕУ“, истакна Филипче.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе донесеме нов Кривичен законик, но согласно европските стандарди, а не според нечии потреби

Во поглед на безбеденоста на вакцините, прашан дали јавно ќе се вакцинира (по примерот на низа светски политичари), одговорот на Филипче е категорично потврден:

„Апсолутно да. За да покажам и да докажам дека треба да се вакцинираат луѓето. Вакцините се сигурни, ние го следевме нивниот развоен процес и сите фази од клиничките студии. Тоа ќе биде тоа што ќе ја смени сликата во светот. Искрено верувам дека следната есен, следната Нова година, навистина нема да има потреба за мерки никаде во светот, дека нема да има рестрикции, дека вакцината значајно ќе го подигне имунитетот и животот постепено ќе се врати во нормала“ – изјави Филипче.

- Реклама -