Димитриевски за Заев: Сите имаме право на грешка, но не смееме да си играме, ниту за момент, со чувствата на нашите граѓани

„Не бев малку погласен туку имав свој личен став, видување врз база на историски факти и она што значи вистината наша македонска. Ние Македонците сме народ со својата генеза, живеевме во една сојузна држава во којашто добивме право на самоостварување како народ и нација покрај вековниот стремеж на нашите предци да создадеме и сопствена држава и сопствен народ. Идентитетот на Македонците не е од ’44-та, туку е од векови претходно и нашите предци се бореле за тоа. Впрочем, има голем број преродбеници во нашата историја, и пишани и непишани, коишто се залагале уште во периодот кога се создавале современите нации на Европа, да создадат своја сопствена нација“, истакна кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски во јавувањето во емисијата „Стадион“ на радио „Канал 77“, каде што гостин беше премиерот Зоран Заев, прашан да ја оцени личноста и карактерните особини на премиерот и претседател на СДСМ.

„Сите ние луѓето имаме и свои добри и свои лоши особини, но она што е најбитно е дека кога грешиме треба да се корегираме“, рече Димитриевски, но избегна директно да се согласи со забелешката дека во тој поглед премиерот е мошне добар, затоа што често се извинува и се корегира:

„За тоа ќе го прашате лично мојот претседател – почитуваниот г-н Заев. Јас сметам дека сите ние имаме право на грешка, но не смееме да си играме, во ниту еден момент, со чувствата на нашите граѓани, бидејќи се работи за многу сериозни прашања. И доколку излегуваме со одредени изјави, претходно треба да бидат добро осмислени, упатени на дипломатски начин, за да истите не генерираат долгогодишни последици. Бидејќи можеби после дваесеттина години истите некој ќе ги вади и повторно ќе ги злоупотребува како аргументација во одредени други евентуални настанати меѓудржавни односи.

Македонскиот народ припаѓа на словенската група, на говорниот јазик словенски, и секако дека ние како Македонци по тој основ сме блиски и со Бугарите, и со Србите, и со Хрватите, и со Бошњаците, и со сите нации коишто го говорат тој јазик. Блиски, може да се каже и братски, но не исти. Секој е различен и специфичен на свој начин, со соодветна етногенеза“, категоричен е кумановскиот градоначалник.

Тој негираше дека неговата реакција по интервјуто на Заев за БГНЕС била на било каков начин поврзана со реакцијата на екс-претседателот на партијата и државата – Бранко Црвенковски, кој го замрзна членството и се огради од ставовите на Заев, а ги советуваше и своите сопартијци да го направат истото, поради направената „огромна и непоправлива штета“. Димитриевски, сепак, застана на иста линија со него:

„Мојата реакција беше првична. Инаку лично немам комуникација, но сметам дека таквите ставови се оправдани и сметам дека СДСМ треба да има изграден официјален став по однос на суштински државни прашања пред надлежните органи и тела на партијата“, рече тој.

Димитриевски категорично ја одби и забелешката на водителот дека со изјавите звучи како да се подготвува за да ја добие поддршката од ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори:

„Апсолутно неточно, јас мојата поддршка ја базирам врз поддршката на сите граѓани во мојата општина и не ги делам по ниту политички, верски или било кој друг клуч. Едноставно јас сум градоначалник на сите граѓани, а излегувам како кандидат од редовите на СДСМ. Социјалдемократ сум, со социјалдемократски убедувања уште од 1995 година и така ќе продолжам, врз база на таа суштинска и реална идеологија да работам и функционирам“, порача градоначалникот на Куманово.

- Реклама -