Заев до новинарот на БГНЕС: „А бе брат, тоа е приказната на мојот живот во политиката“ (ВИДЕО)

Кога Бугарија преговараше за членство во ЕУ, сите политички формации – и опозициски и власта, биле обединети. Софија не го разбира однесувањето на опозицијата во Македонија, истакна новинарот во интервјуто на Заев за БГНЕС, наведувајќи пар субјективни констатации, како впрочем и во текот на целото интервју, и на сите други теми.

„Кога Кристијан Мицкоски се сретнува со Борисов тој го одобрува договорот. Кога Антонио Милошоски оди во Софија, тој ја сака Бугарија, се чувствува како Бугарин и така натаму. Васко Наумовски тврди дека Бугарија е најголемиот пријател. Се враќаат овде (во Македонија н.з.) и зборуваат нешта од кои човек не може да сфати дали се истите луѓе. Тоа ли е длабоката држава за која зборуваше бившиот премиер (Љубчо Георгиевски н.з.)?“, праша новинарот, наидувајќи на неочекувано големо разбирање од премиерот Зоран Заев.

„А бе брат, тоа е приказната на мојот живот во политиката“, рече Заев со братска насмевка. „Едно говорат кога се надвор, друго говорат тука. И кога беа и на власт истото го правеа, а сега го прават истото и кога се опозиција.

Значи, ние постигнахме договор со Бугарија, ние постигнахме договор со Грција, ние решихме прашањата помеѓу двете најголеми заедници – Македонците и Албанците. Тие не учествуваа во ништо, само проблеми правеа. Значи за нив колку е полошо во државата, толку е подобро за партијата нивна“, обвини Заев, додавајќи дека заради интересот на државата тој на опозицијата ѝ нуди соработка на сите полиња и ги споделува сите информации, но и покрај тоа не наидува на истото од нивна страна.

„Овие денови Антонио Милошоски, Христијан Мицкоски, Александар Николоски… тоа што го прават во Собранието… Тие инсистираат да одиме таму и да направиме кавга, расправија“, рече премиерот, посочувајќи дека денешната ДПМНЕ е многу променета од онаа во 1999 година, предводена од Љубчо Георгиевски, која  ја потпиша Заедничката декларација со Бугарија.

„Дел од таа длабока држава што ја кажа Георгиевски е оставена тука. И јас на тај начин кажувам дека тоа не е патриотизам, тоа не е европејско ништо, затоа што многу е лесно да се скараш с’с некој. Треба да бидеш јунак да напраеш пријателство с’с некој“, порача премиерот.

- Реклама -