Филипче побара извинување од ВМРО-ДПМНЕ, во спротивно ќе ги тужи за тврдењето дека го заташкува случајот во штипската болница

„ВМРО-ДПМНЕ на најподмолен начин се обидува да собере политички поени од прерано згаснат човечки живот!“, реагира министерот за здравство Венко Филипче, откако опозицијата го обвини дека „спроведува операција на заташкување“ на случајот со смртта на 41 годишната пациентка во Штип. Тој побара јавно извинување, а во спротивно се закани дека ќе ја тужи партијата за клевета.

Имено, на денешната прес-конференција, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Иван Јорданов, обвини дека „рибата смрди од главата“ и дека случајот во штипската болница оди сѐ до Филипче.

„Нашите извори говорат дека на кобниот ден, кога се случила драмата на Инфективното одделение во Штип, директорот на Клиничката болница, близок кадар на Венко Филипче – Ален Георгијев, бил на смена како дежурен лекар токму на тоа одделение.

После направениот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со решение му е дадено овластување на директорот веднаш да ја свика комисијата за следење на квалитет која ќе ја утврди фактичката состојба за спроведеното лекување на пациентката и околностите кои довеле до смртен исход. Значи, случајов со смртта на пациентката која не добила кислород треба да го испитува и решава Директорот на клиниката кој бил дежурен тој ден, а е познато дека е близок кадар на Венко Филипче“, тврдат Јорданов и ВМРО-ДПМНЕ.

Фактот што токму Георгијев, според распоредот, дежурал на Инфективно, а за тоа и сам претходно се пофалил, претставува индиција дека самиот тој е одговорен за починатата пациентка, велат од опозицијата.

„Тоа значи дека директорот на Филипче, Ален Георгијев, сам на себе треба да си констатира неодговорност и пропуст при извршувањето на лекарските задачи во организацијата каде што е раководител.

Поставувањето на директорот да го испитува случајот за смртта на 41 годишната пациентка, која почина молејќи за кислород кога тој самиот дента кога починала е одговорен и на смена во болницата, укажува дека Филипче спроведува операција за заташкување на одговорноста за овој случај“, рече Јорданов на прес-конференцијата.

Министерот, меѓутоа, има поинакво објаснување.

„Во моментов течат законските рокови за случајот во пациентката од Штип. Директорот на болницата најдоцна до утре треба да испрати извештај до ДСЗИ, по што ќе се формира Комисија за вонреден стручен надзор.

Ова е независен надзор и апсолутно е неточно дека директорот на болницата самиот на себе ќе си врши надзор – како што наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

Од партијата или не го познаваат системот на надзори или свесно манипулираат, како што всушност се однесуваат цели осум месеци од почетокот на кризата.

Барам итно извинување за ова грозно обвинување во спротивно ќе поднесам тужба за клевета“, напиша тој на социјалните мрежи.

Директораката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат – Ирина Сотирова Бухова, прашана за случајот, појасни дека ДСЗИ со решение му наложил на директорот да ја свика Комисијата за квалитет на работа за да го преиспита целокупниот тек на лекувањето и да ја утврди фактичката состојба и околностите кои довеле до смртта. на пациентката. Директорот е задолжен во рок од три дена писмено да го извести инспекторатот за наодот од извршената контрола, додаде Бухова, а утре истекува третиот ден. Доколку директорот тоа не го стори, ДСЗИ ќе изврши надзор за констатирање на непостапување по решение.

Бухова, притоа, информираше дека при увидот на терен, констатирано е дека, на пример, во штипската болница само 4 сестри во смена се грижат за 56 пациенти:

„Во моментот на надзорот е констатирано дека, на инфективното одделение во Клиничката болница Штип хоспитализирани се 56 пациенти, за истите грижа водат два тима од доктори и сестри кои работат по 12 часовно време. Во секоја од смените, ангажирани се тројца доктори од кои едниот е задолжително инфектолог, и двајца со сродни специјалности кои ротираат меѓу одделенијата. Од седниот медицински кадар констатирано е дека се ангажирани во една смена четири сестри од кои најмалку две се од матичното инфективно одделение. Констатирано е и дека постои телефонски број и телефон кој стои во работната соба, истиот број е истакнат во секоја од собите на болните кој служи за комуникација помеѓу пациентите и медицинскиот персонал“.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се категорични – очигледен е не само менаџерски, туку и лекарски пропуст. Тие побараа ДСЗИ јавно да го објави извештајот од Клиничката болница и повторно го повика Јавното обвинителство да истражи дали има вистина во обвинувањата на опозицијата и навистина најголема одговорност носи директорот. Истовремено, Јорданов побара оставки за директорот на болницата, но и за „најнеспособниот Венко Филипче, кој го прикрива случајот“. Опозицијата побара и Георгијев да излезе пред јавноста „да образложи кој ќе сноси одговорност, кога тој како лекар и директор е најодговорен за случајот со 41 годишната пациентка“.

- Реклама -