Филипче: Без пост-мортем брисеви можеме да ја намалиме смртноста за најмалку 30% до 40%, но тоа ништо нема да смени освен бројката

„Помалите земји секогаш имаат полоша бројка на смртност кога истата се пресметува на 1.000.000 жители, податок на кој и вие се повикувате, но не го споделувате. Па така, добро е да се каже дека на таа листа први се Сан Марино и Андора“, вели министерот за здравство Венко Филипче во одговорот на прашањето на новинарката Мери Јордановска за тоа зошто Македонија е на 18. место во светот и прва во регионот според „смртност“ од Ковид-19.

Како што истакнува Филипче понатаму во одговорот, пресметката на смртност која од почеток македонските здравствени власти ја сметаат за релеванта е истата која ја користи и Светската здравствена организација, а е процент на починати од вкупниот број на заразени. Во таквата статистика, вели министерот, апсолутно сме во рамки на европскиот просек и далеку под некои европски земји:

„Денешната бројка е 3,2% додека европскиот просек е 2,9%. Секако, не велам дека смртноста кај нас е ниска, но оваа статистика е важно да се објасни.

Второ и многу битно, дозволете да кажам дека ова не е натпревар, кој ќе има подобар резултат, сепак зборуваме за животи, а секоја замја има свој посебен начин на евидентирање на починатите. Затоа сметам дека не е соодветно да се прават споредби. Па така, би сакал да го повторам многу пати досега кажаното – дека во нашата евиденција влегуваат и позитивните пост-мортем брисеви, нешто што не се прави во најголем дел од земјите во регионот и Европа. А такви брисеви се земаат од пациенти за кои семејството укажало дека имало симтоматологија на вирусот или по проценка на лекар, ако лицето почине непосредно по прием“, пишува Филипче.

Ова се прави, додава тој, „заради подобар епидемиолошки увид и заштита на семејствата и изолација на оние кои биле во контакт“.

„Ако престанеме ова да го правиме, може да ја спуштиме смртноста за минимум 30% до 40%. Но освен што тоа ќе ги смени бројките, не сметам дека ќе го реши проблемот со смртноста. Развојот на болеста е непредвидлив и затоа постојано апелираме граѓаните да бидат максимално внимателни и да се штитат, а јас одговорно тврдам дека колегите даваат максимум и се борат за секој живот“, категоричен е министерот за здравство.

Прашан зошто лица кои загинале во сообраќајни несреќи, па и такви кои извршиле caмоyбиcтво, се водат како починати од Ковид-19 само затоа што биле позитивни на вирусот, Филипче објаснува:

„Само да појаснам, не се водат сите, тоа апсолутно не би имало смисла. Се водат само оние кај кои од некоја реална причина бил земен постмортем брис и истиот излегол позитивен“.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Филипче се однесува како вчера да дошол во земјава, иако самиот е дел од мрачното минато на лопувлок и предавства

Прашан зошто не се врши обдукција на лицата кои се водат како починати од последици на коронавирусот, министерот кратко објаснува дека „одлуката дали ќе се прави обдукција се носи во два случаи: на барање на лекарот ако не е јасна причината за смрт или на барање на обвинител ако се работи за судски случај“.

Филипче беше прашан и за корелацијата помеѓу тоа кога луѓето се јавуваат на доктор и смртноста:

„Што точно мислите кога велите дека луѓето доцна се јавуваат на доктор, па затоа последиците од Ковид-19 се смртоносни? Кога треба да се јават и каде? Колкава температура треба да качат, какви симптоми треба да имаат за да дојдат во болница?“, прашува новинарката.

„Анализата на смртноста која ја спроведовме во Инфективната клиника и болницата 8 Септември покажа дека голем дел од случаите кои завршиле фатално доцна дошле во болница. Така, просечен ден на хоспитализација на починатите е 7.2 дена, а речиси 30% од сите починати починале по само три дена од прием. Ова укажува дека доаѓаат во веќе многу лоша состојба, односно прилично доцна. Секако, оваа не е единствената причина, но е значаен индикатор. Затоа постојано апелираме граѓаните внимателно да го следат развојот на болеста, да не ги игнорираат засилените симптоми и итно да се оди на лекар кога состојбата се влошува“, одговара Филипче.

Од него била побарана и детална статистика за тоа колку лица во 2020 починале како последица на срцев удар, мозочен удар, сите одделни видови на канцер, односно статистика за причините за морталитетот во 2020 година во споредба со 2019. Тој ветува дека овие податоци ќе бидат доставени следната недела, бидејќи за нив е потребно повеќе време.

Покрај овие, Јордановска објави и други одговори на Филипче. Тоа го направи на Фејсбук, а како што самата вели, од две причини; првата е што „поради набиената агенда на министерот“ и прашањата претходно ги објавила на Фејсбук, па смета дека истото треба да го стори и со одговорите. Втората причина, објаснува, е што првичното барање на „а1он“ била ТВ дебата со министерот која ќе оди во живо, а на која прашања ќе поставуваат неколку новинари кои пишуваат за здравството, но исто така и граѓани.

„Вакво писмено одговарање на прашања, без можност да се постават потпрашања и без да се гледа реакцијата на соговорникот, никогаш не била политика на нашата редакција“, појаснува Јордановска. Останатите прашања и одговори можете да ги прочитате ТУКА.

- Реклама -