Левица: Филипче креираше лажна слика на сигурност, да престане да го обвинува народот и да си даде оставка

Според бројките од статистичките извештаи, кои се објавуваат на светско ниво на веб сајтот www.worldometers.info/coronavirus, Македонија е прва во светски рамки по број на починати во 24 часа на милион жители. Доколку се земе предвид број на иселени жители, состојбата е уште покатастрофална, посочуваат денеска од Левица.

Според нив, овој податок уште еднаш ја покажува алармантно лошата кондиција на нашиот здравствен систем, неквалитетното менаџирање со кризата и неодговорноста на министерот за здравство, Венко Филипче.

„Тој на почетокот на пандемијата, рече дека пикот на заразени се очекува да достигне до 2000, а како што може да се види од објавените бројки, до вчера вкупно детектирани заразени се 26.954 лица, а активни 7.408. Секако овде треба да се земе предвид дека во вкупната бројка влегуваат и болните со симптоми и позитивните без симптоми.

На денешната прес-конференција, Филипче изјави дека, над 85% од досега (919) починатите од Ковид-19 имале други хронични болести. На новинарско прашање за тоа дали дел од пациентите починале од друга болест, но биле заведени дека починале од Ковид, Филипче рече дека, тоа е точно, но оти од самиот почеток доколку пациентот имал позитивен тест, иако имал некоја сериозна болест, сепак причината за смрт се запишува како Ковид-19.

Погрешните одлуки на Владата се согледуваат и во тоа што хронично болните лица, иако се загрозена категорија, повторно беа вратени на работните места – додека Владата се обидува да протне онлајн-седници на Собранието.

Освен што излегува дека не се прават точни статистики, што е уште еден пропуст на Министерството за Здравство, исто така, како политичка партија, сметаме дека, ова министерство на чело со Филипче, треба да престане со стратегијата на префрлање вина на ‘непослушниот’ народ. Токму тој и другите функционери и вработени во ова министерство се поставени таму, за да ги градат политиките и стратегијата за менаџирање со кризи, со цел да обезбедат безбеден и здрав живот на народот, а тие напротив, со месеци креирајќи јавно мислење, преку средствата за комуникација, го обвинуваат народот со цел да ја сокријат сопствената неспособност.

Прочитајте и:  Левица поднесе интерпелација против Илире Даути за блокадата на законот за бранители

Филипче до вчера ја повторуваше мантрата дека нашето здравство има доволен капацитет и услови за справување дури и со зголемен број на случаи, и со тоа креираше лажна слика на сигурност кај јавноста. Ако земеме предвид дека здравствените системи на Италија и Шпанија колабираа (и други поразвиени земји едвај се справуваат), тогаш јасно ни’ е како ден дека министерот Филипче го манипулира и го лаже народот, само за да си ја задржи фотелјата“, обвинуваат од Левица.

Како што се наведува понатаму во соопштението, од партијата тврдат дека арогантниот однос на Филипче кон народот не застанува со обвинувањата за ширењето на вирусот. Тестовите кои се прават на државна сметка, велат, се многу помалку отколку оние во приватните клиники:

„Според објавените информации во јавност, завчера за едно деноноќие се направени само 776 на државна сметка, а останатите 1125 во приватните клиники, за кои пациентите платиле вкупно 75 илјади евра. Освен ова, огромни се сумите со кои полицијата ги казнува оние кои ќе ги фати без маска, во кола, или онаму кадешто е пропишано да се носи, додека пак кафичите во сопственост на блиски личности до власта не се санкционираат, иако ги прекршуваат правилата“.

Македонија економски тоне со месеци, а допрва ќе се осеќаат последиците од лошото менаџирање со кризата, додаваат од Левица.

„Затоа повикуваме јавно, Венко Филипче да си поднесе оставка и следниот министер сериозно да ја преземе работата за справување со оваа криза“, се вели во соопштението.

- Реклама -