Пендаровски: Македонскиот јазик не го негираат релевантни авторитети, туку политичко-академски кругови од нашето опкружување

„За жал и покрај тоа што поминаа 7 и пол децении од стандардизирањето на македонскиот јазик и откако неговото постоење во меѓувреме беше потврдено од светската лингвистичка наука, ние сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата посебност и постоење.

Интересно е дека негирањето не доаѓа од релевантни, светски лингвистички авторитети и институти кои за тоа прашање се имаат одамна произнесено, туку од одредени, најчесто политичко-академски кругови од нашето непосредно опкружување“, истакна претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање на отворањето на манифестацијата Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, која годинава се одржува во чест на одбележувањето на 75 години од официјализирањето на современиот македонски јазик, азбука и правопис, а на која централно место зазема значајната меѓународна конференција насловена „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)“.

„На 5 мај 1945 година беше озаконета македонската азбука, а на 7 јуни беше издадена и првата читанка, буквар на македонски јазик… Чинот на официјализирање и стандардизирањето на македонскиот јазик има своја долга предисторија во активностите и во делата на Ѓорѓија Пулевски, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Партениј Зографски и на други бројни културни дејци од 19 век за да кулминира со дејноста на Мисирков. Затоа, и не случајно и Институтот за македонски јазик го носи неговото име. Секако, процесот немаше да биде завршен ако не беше Народно-ослободителната борба, ослободувањето од фашизмот и формирањето на македонската република како рамноправна федерална единица во тогашната Југославија“, наведе Пендаровски.

Во обид да избегне да го засени поводот со дневно-политички случувања, Пендаровски само кратко нагласи дека „научните аргументи и вистината се на наша страна и од нив никој разумен не може да се откаже. Заради нашите предци, поради нас самите, заради обврската да ја зачуваме нашата духовна татковина како што на времето се изрази за нашиот јазик големиот Блаже Конески. Токму Конески со своите капитални трудови меѓу кои Граматиката на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик постави цврсти темели за сите натамошни македонистички проучувања“, рече претседателот.

Како што истакна тој, во моментов постои потреба од засилена и континуирана поддршка на научните истражувања за македонскиот јазик и за македонските дијалекти, па ги повика професорите и лингвистите, следејќи го и надоврзувајќи се на делото на Конески, со уште поголема страст да продолжат со  проучување и афирмација на македонскиот јазик, а сите релевантни институции и фактори во државата – да се вложат за оваа цел многу повеќе од порано.

Пендаровски ја повика и Владата, и покрај алармантните кратења во буџетот поради пандемијата, да посвети целосно внимание на овие прашања и да изнајде средства за поддршка на сите научно-истражувачки проекти.

„Убеден сум дека македонската наука има уште многу што да каже, впрочем, како и бројните слависти-македонисти низ светот“, додаде претседателот на државата.

- Реклама -