Ситуацијата со коронавирусот во земјава продолжува да се влошува. Во последното деноноќие се починати дури 12 лица, што е првпат по подолго време да имаме ден со толку многу жртви. Последен пат 10 (или повеќе) починати имаше на 20 и 22 јули и вчера (18 октомври).
Висок е и процентот на позитивни од тестираните, иако поради викендот направени се само 771 тестови. Од нив, регистрираните 161 позитивни случаи претставуваат 20.9 проценти.
Највисок досега денеска е и бројот на пациенти во болниците низ земјава, кои се позитивни или сомнителни на Ковид-19. Како што соопшти Министерството за здравство, утрово нивниот број изнесувал вкупно 487 лица, што е продолжение на загрижувачкиот тренд во последниот период, а изгледа вака:
Што се однесува во последните 24 часа, на Инфективната клиника примени се 7 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 92 пациенти. На кислородна поддршка се 61 пациент, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 6 деца и 6 мајки позитивни на ковид-19, 2 деца и 3 мајки суспектни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ има 2 приеми, а вкупно хоспитализирани се 47 пациенти. На респиратор се 4 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 45, а во болницата во Штип се 56 пациенти.
На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани се хоспитализирани 230, позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Денеска министерот Венко Филипче одржа прес-конференција, откако заедно со Комисијата за заразни болести имаа средба со Кризниот штаб на Владата за да информираат за состојбата со епидемијата. Притоа, повторно како најважен фактор ја истакна токму исполнетоста на болниците.
Како што информираше, веќе се исполнети инфективните одделенија во Струмица, Куманово, Штип (почнуваат да се ангажираат капацитетите во болницата во Кочани), целосно е исполнета болницата во Прилеп и уште едно крило е отворено во болницата во Битола за целиот тој регион. Забрзано се пополнува и капацитетот на болницата во Гостивар, истакна Филипче.
Согласно сите овие трендови, информираше министерот, утре на седницата на Владата ќе биде предложен нов сет мерки, кој ќе се состои од веќе најавените 1) ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 проценти и 2) сите економски оператори да работат до 23 часот, но и уште една – 3) препорака до целата државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно механизмот на работа, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома, или пак, редуцирано со систем на ротации и секоја од институциите согласно карактеристиките на работниот процес.
Утре во Собрание ќе се дискутира и претходниот пакет предложени мерки, односно измените на Законот за заштита на население од заразни болести кој е даден на забрзана постапка и во кој, како што посочи Филипче, веќе се вметнати предлозите за 4) задолжително носење маски на отворено, 5) ограничување на групирањето на отворено после 22 часот (на максимум 4 лица) и 6) ограничувањето на семејните собири (на максимум 4 гости). Целокупниот пакет од овие мерки, истакна Филипче, се очекува значајно да го намали бројот на нови случаи.
Сепак, тој испрати предупредувачка порака до граѓаните:
„Ситуацијата е навистина сериозна. Следен чекор би бил целосно ограничување на движењето, односно полициски час. Да смогнеме сили, сите да ги почитуваме мерките за да го избегнеме сето ова, затоа што ова е начинот на кој ќе треба да се функционира во периодот којшто е пред нас – со уште постудени есенски и зимски месеци… Ова е последниот чекор пред полициски час“, порача министерот.