35.5% повеќе заразени, 7.1% повеќе починати, 60% пораст на Ковид-19 кај лицата од 20-29 години

Во периодот од 28 септември до 4 октомври (односно минатата недела), тестирани се вкупно 9.832 материјали во лабораториите, што е 1.5% повеќе во однос на неделата претходно, информираат од Министерството за здравство, врз основа на извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за овој период.

Во дадената временска рамка 1.203 нови случаи се регистрирани во 31 градови во државата, што претставува зголемување од 35.5% во однос на неделата претходно. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=519; 43.1%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово – 192.3 на 100.000 жители.

Зголемување има и во соодносот на позитивни случаи од тестираните – кој од 28 септември до 4 октомври изнесувал 12.2%, односно за 3% повисок од неделата претходно.

 

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, но најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=239, 19,9%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=220; 18,3%), 50-59 (n=200; 16,6%), 30-39 (n=222; 18,5%) и 20-29 (n=194; 16,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=38; 3,2%) и 10-19 години (n=90; 7,5%).

Во однос на неделата претходно, најголемо зголемување на бројот на новорегистрирани случаи е забележано кај возрасните групи од 20-29 години (за 60%) и 30-39 години (за 46.1%).

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=1074; 89.3%), регистрирани се 142 (13.2%) хоспитализирани, а кај 280 (26.1%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

Од вкупниот број на нови случаи во периодот 28 септември – 4 октомври, 403 (37.6%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 32 (3%) лица со историја на патување во последни 14 дена.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 786 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што претставува зголемување од 10% во однос на претходната недела.

Пријавени се 30 смртни случаи, 7.1% повеќе во однос на претходната недела. Во однос на возраста, 24 лица биле над 60 години, а 6 лица на возраст од 50-59 години. 29 од случаите биле хоспитализирани, а само едно лице од починатите не било хоспитализирано. Коморбидитети се регистрирани кај 20 починати лица.

- Реклама -