Обвинителство: Мицкоски не вежбал во теретана спротивно од мерките, снимките не се манипулирани

По извршени детални проверки, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје одлучил дека нема основа за јавнообвинителско постапување во предметот познат како „Теретана“ за наводно користење на услугите на фитнес-центар во Скопје од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, спротивно од мерките против ширење на Ковид-19, информира Обвинителството.

„Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредби за обезбедување на видео записите и за вештачење на ДВР-уредите на кои се сочувани видео записите од безбедносните камери во фитнес студиото. Во исто време, во својство на сведоци беа испитани повеќе лица.

Предмет на анализа беше целокупниот материјал кој што беше обезбеден и доставен од страна на СВР Скопје, а беше одземен од деловниот субјект во критичниот период.

Притоа, на прибавените снимки не биле збележани ниту посочените, ниту други лица да ги користат услугите на фитнес – центарот спротивно на донесените забрани. Од вештачењето на ДВР-уредите произлезе дека видео записите не биле манипулирани, односно беше потврден интегритетот на податоците на доставените уреди.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

Дополнително, надлежниот јавен обвинител ја прибави и документацијата од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР кои спровеле постапка во однос на наводите за присуство на полициски службеници во фитнес центарот, спротивно на мерките за спречување на пандемијата. По проучување и анализа на целокупниот материјал, јавниот обвинител утврди дека во конкретниот случај не постои основано сомневање дека е извршено кривично дело кое се гони по службена должност“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

- Реклама -