Заев по повод Денот на демократијата: Никогаш повторно да не се вратиме во мрачното минато

Пред неколку години имавме заробена држава, а денес политичките процеси се отворени за секого, транспарентни и инклузивни, порачува премиерот Зоран Заев во честитката по повод 15 септември – Меѓународниот ден на демократијата.

„Денес е Меѓународниот ден на демократијата. Речиси три децении градиме демократски институции и вредности, постојано и внимателно, низ славења и премрежја.
Владеењето на правото, слободата и еднаквоста на сите граѓани, правото да се слушне и најтивкиот глас и да му се даде на значење во медиумското опкружување кое е слободно и разнолико, е основата врз која го градиме нашето општество.

Пред неколку години се соочивме со заробена држава, демократијата беше деградирана, а можноста да се учествува беше оставена на мала, привилегирана група луѓе. Сега е поинаку, членка сме на НАТО, чекориме забрзано кон ЕУ. Политичките процеси се отворени за секого, транспарентни и инклузивни. Граѓаните повеќе не шепкаат туку говорат гласно“, пишува Заев на Фејсбук.

„Да не заборавиме колку е кревка демократијата и никогаш повторно да не се вратиме во мрачното минато“, додава тој во честитката. „Заеднички имаме светла иднина. Одговорноста за тоа во каква држава живееме и ќе живееме е на сите нас. Да продолжиме напред, гласно и слободно, отворени кон светот.

Ви го честитам Меѓународниот ден на демократијата и ве повикувам заедно храбро напред, уште подобро и уште повеќе“, порача премиерот.

- Реклама -