Левица: Единственото злодело на Асанж е обелоденување на империјалистичките злодела на САД и НАТО

„Единственото злодело на Асанж е обелоденување на империјалистичките злодела на САД и НАТО“, истакнуваат од партијата Левица, соопштувајќи дека се приклучуваат на глобалниот протест против прогонот на Џулијан Асанж – основачот на „Викиликс“. Според партијата, Асанж е можеби најважниот новинар на нашето време. „Наместо да се судат воени злосторници како Блер, Буш и Чејни, му се суди на Асанж кој ги обелодени токму нивните злосторства“, велат од партијата. Според нив, случајот со Асанж е и одраз на севкупната состојба и однос кон правдата и слободата:

„Севкупната состојба со правдата и слободата – како и односот на граѓанскиот политички естаблишмент кон овие две историски категории – е сумиран во ужасниот третман на основачот на ‘Викиликс’, Џулијан Асанж. Случајот Асанж покажува дека владеење на правото е обична фарса и лага во империјалистичкиот поредок, а законот пак обичен изговор за извршување неправда и ограничување на слободата.

Асанж, пластично ја откри вистината и мотивот кој го имаа западните империјалистички сили, на чело со САД и НАТО, при нивните воени походи и насилства во име на ‘човековите права и демократијата’ спроведени ширум светот. ‘Викиликс’, на обичниот човек му ја покажа непобитната вистина за ‘хуманитаристичките’ акции на неговата држава/влада, спроведувани на сила и без легитимитет низ другите земји во светот. Поради ова, Асанж можеби е најважниот новинар на нашето време. Иако е гонет за т.н шпиунажа, всушност тој е обвинет за откривање воени злосторства.

За прогонувачите, злоделото на Асанж е тоа што тој на мегдан на правдата и пред очите на светската јавност, ги изложи американските воени злосторства што чинеа десетици илјади животи во Ирак и Авганистан, како и дипломатските интриги што доведоа до масовни страдања низ целиот свет. Наместо да се судат воени злосторници како Блер, Буш и Чејни, му се суди на Асанж кој ги обелодени токму нивните злосторства.

‘Викиликс’ и Асанж ни обезбедија оклоп на вистината за војните, како и за политиката и целите на насилната и неодговорна моќ. Застануваќи во нивна одбрана, ние ја браниме храброста да се спротивставиме на повеќегодишната империјалистичка пракса на насилство и манипулација за прикривање на вистината. Токму политичкиот прогон на Асанж ја покажува усогласеноста и складноста на двете, условно спротивставени, политички проминенции од владеачкиот естаблишмент во САД – Демократската и Републиканската партија. За нив, империјалистичките интереси на Владата на САД, не само што се над законот, меѓународниот поредок, правдата и слободата – туку и се спроведуваат на директна штета на други земји и региони и се со ужасни последици кон секојдневниот живот на народите кои живеат таму.

Прочитајте и:  Левица: Божиновска е еклатантен пример зошто се залагаме за укинување на двојното државјанство за највисоките функционери

Поради ваквиот негов грев, Асанж сега е политички прогонуван и соочен со затворска казна од 175 години.

Левица се приклучува кон глобалниот протест против прогонот на Асанж, и во таа насока упатуваме повик до сите опресирани народи да застанат во негова одбрана и да извршат притисок за негово ослободување. Борбата на Асанж е борба против капиталистичките опресори кои народите ги втурнуваат во војна од која профитира само владеачката класа. Ваквата борба не може да се одвои од борбата за националното ослободување на народите ширум светот кои постојано се под империјалистичката чизма на САД и Воената алијанса НАТО“, порачуваат од Левица.

Во соопштението, кое е адресирано и до амбасадите на САД и Велика Британија во земјава, а со порака за ослободување на Асанж, Левица го цитира и Емил Зола:

„Го ОБВИНУВАМ:

Судството, за прикривање на злодела по наредба!
Што се однесува до луѓето кои ги обвинувам, тие за мене се само обични ентитети, штетни агенси по општеството. Акцијата што ја преземам не е ништо повеќе од радикална мерка за забрзување на експлозијата од вистина и правда” (Емил Зола, 13 јануари 1898 година).

- Реклама -