Артан Груби и официјално стана „прв вицепремиер“, измените на Деловникот изгласани на седница на владата

Владата ја официјализираше новата функција „прв вицепремиер“ која ќе ја извршува Артан Груби од ДУИ, а е дел од коалицискиот договор меѓу ДУИ и СДСМ. За таа цел, на вчерашната владина седница, специјално беше изменет Деловникот за работа на Владата, во кој е додаден зборот „прв“ пред функцијата „вицепремиер“, при што е прецизирано дека токму тој ќе го менува премиерот во негово отсуство.

Со тоа, Груби стана прв заменик на премиерот преку поедноставена процедура, со гласање на владата, наместо да се менува Законот за Влада, за што ќе требаше да расправа и гласа Собранието.

Како што информираа од владината прес-служба, на својата втора седница, одржана вчера, членовите на Владата ги прифатија измените и дополнувањата на Деловникот за работа на Владата.

„Една од измените се однесува на прецизирање на надлежностите на Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите.

Предвидено е Претседателот на Владата да го заменува Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите, а во случај на негово отсуство или спреченост тогаш Претседателот на Владата го заменува еден од неговите заменици што тој ќе го определи.

Според дополнувањата, на Претседателот на Владата во вршењето на неговите права и должности му помагаат Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на Претседателот на Владата.

Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на Претседателот на Владата се грижат за извршување на работите од надлежност на Владата по одделни прашања за кои ќе ги овласти Претседателот на Владата.

Првиот заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите и замениците на Претседателот на Владата го известуваат Претседателот на Владата за извршување и спроведување на работите“, се вели во соопштението.

- Реклама -