Антикорупциска ќе истражува дали фирмата на Ангеловска законски добила помош

Антикорупциската комисија работи врз предмет за државната помош за плати која беше дел од првиот сет мерки за ублажување на економските последици од корона-кризата, а која, меѓу другите фирми, ја добила и фирмата Вебспот ДОО, каде меѓу ко-сопствениците фигурира и досегашната министерка за финансии – Нина Ангеловска, велат од ДКСК за „Радио Слободна Европа“.

Ангеловска беше обвинета од ВМРО-ДПМНЕ дека „повторно“ ја злоупотребила позицијата и самата на свои фирми си доделила помош.

На тоа реагираа од СДСМ, кои ја обвинија опозицијата за манипулација:

„Помошта за која денеска манипулира ВМРО-ДПМНЕ е дел од антикризните мерки, не е селективна мерка каде се одлучува дали некој ќе ја добие или не. Критериумите за државната помош се јасни: Секоја фирма која имала пад од 30% од добивката добива државна помош под услов парите да ги префрли на работниците и истите да не бидат отпуштени. Ако компанијата оствари добивка, ќе ги врати парите кои ги добила како државна помош и ова се критериуми кои важат за сите правни лица кои добиле државна помош“.

И според антикорупционерите, клучно е по кои критериуми била доделена помошта од вкупно 11 илјади евра за Вебспот ДОО, односно дали компанијата реално имала потреба и ги исполнувала критериумите, или ги добила поради други неосновани причини. Од компанијата, тврдат дека е првото.

Според податоците од Централниот регистар, Ангеловска во Вебспот ДОО фигурира како еден од тројцата сопственици и основачи на платформата за онлајн трговија – Групер.мк, со учество во основачкиот влог од 2600 евра. Како управител на компанијата во документот од Централниот регистар е заведен еден од нејзините партнери Мартин Китановски. Повеќе ТУКА.

- Реклама -