Груби: Градиме историја – покрај премиер, и тројца албански министри за надворешни во регионот!

„Покрај премиер, тројца албански министри за надворешни работи во регионот. ИСТОРИЈА!“, се пофали генералниот секретар на ДУИ – Артан Груби, неколку часа по средбата на која беше постигнат конечниот договор за коалиција меѓу Зоран Заев и Али Ахмети, споделувајќи дека остварил разговор со МНР на Албанија – Гент Цакај.

„Тукушто имав телефонски разговор со г-н Артан Груби… Ги изразив своите најискрени честитки за историскиот договор кој ќе овозможи прв премиер Албанец во Северна Македонија, иако само 100 дена за почеток. Исто така, со оглед на тоа што спикер на Собранието ќе продолжи да биде Албанец, претставува историско постигнување тоа што дипломатијата на Северна Македонија ќе биде предводена од Албанец.

Кратко речено, денешниот договор отвора хоризонти без преседан за зајакнување на Албанците и развој на демократијата во Северна Македонија.

Честитки за сите Албанци и посебна благодарност до г-н Али Ахмети и г-н Артан Груби за значајната работа што ја сработија кон зајакнување на албанскиот фактор, демократијата и внатрешниот развој и евро-атлантските процеси во Северна Македонија.

Ќе ја продолжиме одличната билатерална соработка и заедничката работа со Северна Македонија во рамките на НАТО и кон членство во Европската Унија“, порача Цакај на Фејсбук.

Со потврдата дека ДУИ ќе раководи со Министерството за надворешни работи, Груби практично ги потврди и информациите на медиумите дека МВР останува во рацете на СДСМ. Според истите тие информации, актуелниот шеф на дипломатијата Никола Димитров ќе замине во Министерството за правда, а покрај МНР, ДУИ ќе раководи и со Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација.

- Реклама -