Епидемиологот Даниловски: Да не се избрзува, не е време да се отворат градинките и училиштата

Училиштата и градинките не треба да се отворат во септември, или барем не треба да се избрзува и уште од сега да се носи таква фиксна одлука, рече за „Канал 5“ епидемиологот Драган Даниловски.

„Јас се плашам што ќе биде школската година кога ќе почне, и според гласините што ги слушам, ќе се отворат училиштата. Не знам тоа како ќе изгледа – деца да носат маски три, четири, пет саата, тоа вака малку е илузорно, се плашам дека тоа нема да успее. Две студии се деновиве објавени, односно не се ни објавени, туку се дадени во ракопис, коишто велат дека децата до 5 години имаат 10 до 100 пати повеќе вируси во носните патишта. Тоа е студијата во Чикаго, а една друга, во северна Италија, вели дека децата под 14 години се двапати позаразни, повеќе ризик има да заразат некого, отколку оние што се постари од 14 години. Ова доволно зборува дека, според епидемиолошката ситуација, не е време да се отворат школите“, вели епидемиологот.

Прашан кога, според него, би била доволно безбедна ситуацијата за отворање на училиштата со физичко присуство на учениците, Даниловски појасни дека одлуките што се носат имаат и политички момент, но дека според епидемиологијата, тоа би било дозволиво кога земјава би достигнала двонеделен просек од 20 или помалку новодијагностицирани дневно:

„Видете, целава работа има две страни. Едната е она што го кажувам од гледна точка на епидемиолошките критериуми. Значи, практично, како епидемиолог, јас треба да кажам дека додека не се спушти двонеделниот дневен просек на новозаболени на 20 или под 20, не би требало да се отвораат училиштата. Некако не е реално да очекуваме да дојдеме набрзо до таков просек и заради тоа тука постојат, да речам, компромиси. Политичките елити што ја водат државата прават политички компромиси; значи едно е што кажува епидемиологијата, ама друго се некои други интереси – ете децата ќе останат недоволно едуцирани или ќе се случат катастрофи економски, колапс на стопанството итн. Така што, секогаш е она што се носи како одлука за некои мерки на некој начин и компромис“, рече Даниловски.

Според него, во моментов целта е да се одбере најразумен компромис:

„Ми се чини дека можеби треба да почекаме, еве цел август е пред нас, како ќе се движи бројот на заболени, да не се носат избрзани одлуки како што сега се носи решение ‘аха, отвораме школи’, туку да се почека малку и да се види како ќе оди целава работа. Во меѓувреме да се работи на што е можно поенергично сузбивање на болеста, на Ковид-19“, вели Даниловски.

А кога веќе ќе отворат училиштата, постојат повеќе пристапи, истакна тој, додавајќи дека не се согласува часот да трае 20 минути. Додека се прозиваат, додека да се средат, практично поминал часот и тоа би претставувало само формално отворање на училиштата, вели. Тој посочува дека можеби треба да се погледне и примени германскиот модел – со преполовен број на ученици во училниците и постојано отворени прозори за проветрување на воздухот, дури и со користење на вентилатори кои би дувале кон надвор, со цел циркулација на воздухот, за да се спречи евентуалното наталожување на вирусот во воздухот во просторијата во вид на аеросоли. Во секој случај, повтори тој укажувајќи на наведените истражувања, не треба да се потценува улогата на децата, особено на помалите од 5 години, во ширењето на вирусот.

Во однос на ситуацијата со пандемијата во периодот на заладување на времето кој следува од есен натаму, Даниловски предупредува дека истовремено ќе бидат присутни покрај Ковид-19 и сезонскиот грип и настинките, а сите имаат слични симптоми. Поради ова, тешко ќе биде да се разграничи кој има ковид, а кој грип, вели епидемиологот. Теоретски, вели, ќе треба да се тестира секој што ќе покаже било какви респираторни симптоми, но во пракса тоа е невозможно поради ограничениот капацитет на лабораториите. Затоа, посочува Даниловски, еден од можните чекори е со малку поенергични мерки да го решиме Ковид-19 до настапувањето на сезоната на настинките и грипот, а потоа граѓаните во што помасовен број да се вакцинираат од грип, со што би ја олесниле дијагностиката и работата на епидемиолозите.

- Реклама -