Изборни графити, гласање во име на друг и полицаец што на изборно место им кажувал на граѓаните за кого да гласаат – дел од пријавите за нерегуларности

Од почетокот на гласањето, односно од отворањето на избирачките места во 07 часот, МВР досега има регистрирано едно нарушување на јавниот ред и мир во Скопје на избирачкото место во ОУ „Петар Поп Арсов“. Имено, 47-годишниот В.Ш. започнал расправија со претставници од избирачкиот одбор. Во еден момент тој ја потегнал за чантата претставничката во ИО, а потоа со мобилен телефон ја фотографирал просторијата. Лицето е лишено од слобода, известен е јавен обвинител за добивање понатамошни насоки, информираше портпаролот на МВР – Тони Ангеловски.

Во другите избирачки места, гласањето се одвива мирно и со почитување на протоколите. Сепак, пријавени се низа неправилности, по кои МВР сѐ уште постапува и ја утврдува фактичката состојба.

 

Во 7.30 минути во полициска станица Бит пазар било пријавено дека пред избирачки места во ОУ „Цветан Димов“ и „Даме Груев“ биле испишани графити со содржина поврзана со изборите. Графити со изборна содржина биле испишани и на подрачјето на ПС во Чаир, на основните училишта на  улиците „Коста Абрашевиќ“, „Браќа Реџепагиќ“ и „Петре Георгиев“.

Графити со изборна содржина испишани на избирачкото место во Сирково, кавадаречко, биле пријавени и во СВР Велес.

Прочитајте и:  Кривична пријава за екс-директорот на ЈЗУ Општа болница- Кичево, си присвоил ехо апарат дониран од МТСП

Во ПС Крива Паланка пријавени се два случаи на организиран превоз на гласачи, но и четири случаи на агитирање кон гласачи (на ул. „8 Октомври“, ул. „Јоаким Осоговски“, и во селата Узен и Нерор).

Агитирање било пријавено и во СВР Струмица во село Пиперово и Нов Дојран, додека во село Самоилово едно лице упатувало закани кон друго за да гласа за одредена политичка партија, информираше Ангеловски.

Во Ново Село, граѓанин пријавил дека едно лице одзело лична карта на друго лице и гласало во негово име.

Во Радовиш, Ф.В. пријавил дека П.И. (исто така од Радовиш) му нудел пари за глас.

Во СВР Битола, Е.Е. пријавила дека непознати лица ѝ нуделе пари за глас. Исто така, било пријавено и дека полициски службеник кој обезбедувал избирачко место во училиштето во село Дебрешта, им кажувал на граѓаните кој број да го заокружат на гласачкото ливче. Според Ангеловски, одделот за внатрешна контрола е извесен и постапува за расчистување на случајот.

Во СВР Тетово, пријавено е дека во ОУ „Коста Рацин“ во село Брвеница имало неколку непознати лица кои ги запишувале граѓаните, информираше портпаролот на МВР.

- Реклама -