Ноќеска на Меѓународниот аеродром во Скопје, по претхотдно распишана внатрешна потерница, уапсен е 28-годишен жител на Гостивар.
Гостиварецот бил барал по кривична пријава од 6 јули за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“, поради упатување смртни закани кон владин функционер преку Фејсбук. Извори од истрагата за „Телма“, потврдуваат дека се работи за техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Како што пренесува „Телма“, гостиварецот заканите ги упатил во форма на коментар на споделена политичка изјава на Спасовски.
Според извори од истрагата, кога бил уапсен, гостиварецот се правдал дека во моментот кога ја напишал заканата бил изреволтиран и тоа го сторил во афект, а потоа се смирил, пренесува „Телма“.
По апсењето, гостиварецот бил предаден во полициската станица во Гостивар и ќе биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд – Гостивар, информираат од МВР.