Меџити: За Преспанскиот не дозволуваме да се преговара, спремни сме да платиме било каква цена

Прашањето за Преспанскиот договор е апсолвирано и е црвена линија од која ДУИ и Албанците нема да отстапат, во повеќе наврати порача вчера во дебатата во отвореното студио на „ТВ24“ со своите опоненти носители на листа во изборната единица 1 од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – Гордана Силјановска Давкова и Никола Димитров, носителот на ДУИ – Изет Меџити.

Прашан околу евентуална ревизија или поништување на Договорот со Грција, Меџити не сакаше да навлегува во правните детали или импликациите и наместо тоа истакна дека граѓаните долго чекале момент кога ќе бидеме дел од НАТО и ќе имаме отворен пат кон ЕУ. Тој истакна дека токму поради овие стратешки определби, ДУИ го прекршила сопствениот принцип:

„ДУИ во минатото направи да се почитува принципот ‘победник со победник’, но кога беа во прашање токму овие стратешки прашања за сите граѓани, посебно и за Албанците, ние се одлучивме нашиот принцип да го урнеме во интерес на тоа државата да се движи кон единствената алтернатива што ја имаме“.

Меџити додаде дека ДУИ и Албанците немаат никаква дилема:

Прочитајте и:  Лефков: Дрин Ахмети книжел милиони под закрила на институциите водени од кадри на ДУИ

„Уште еднаш потенцирам дека овие договори (Преспанскиот, Договорот за добрососедство со Бугарија и Охридскиот рамковен договор) за ДУИ се црвени линии и не дозволуваме да се преговара за ова. Со самиот факт што кампањата ја почнавме симболично во Преспа, а ја завршуваме во Охрид, сме доволно јасни и затоа не сакам да навлегувам во деталите“.

Допрашан дали ДУИ би одбила да коалицира со партија што ќе го доведе во прашање договорот со Грција, дури и по цена да оди во опозиција, Меџити рече:

„Овие прашања, овие договори се нешто поголемо од ДУИ, поголемо од дневна политика. Овие се стратешки определби и за ова сме спремни да платиме било каква цена. Не мислам на опозиција. Тие што го мислат или посакуваат тоа, не се тие што одлучуваат за Демократската унија за интеграција. Ние сме биле дел од владите затоа што тоа било волјата на Албанците и тие ќе одлучат и на 15-ти, а и според анкетите и според бројките, ДУИ, сакал или не сакал некој, ќе биде клучот на идната влада“.

- Реклама -