Што содржи преговарачката рамка? Ревизија на Преспанскиот и Договорот со Бугарија ќе значи блокада на ЕУ перспективата

Како што може да се види од документот на предлог преговарачката рамка што ја утврди Европската комисија (кој го објави „ТВ24“), еден од централните делови на преговорите се добрососедските односи, односно спогодбите со Грција и Бугарија.

Како што се вели во преговарачкиот принцип под број 4, прогресот на Македонија ќе се мери особено преку исполнување на следните барања: Копенхагенските критериуми, Процесот на стабилизација и асоцијација, како и исполнување на обврските од Процесот на стабилизација и прогресот во адресирање на клучните области наведени во годишните извештаи на Европската комисија и релевантните заклучоци на Советот.

 

Во делот на добрососедските односи, пишува:

„(Прогресот ќе се мери согласно) Процесот на стабилизација и асоцијација, кој останува вообичаена рамка за односите со Западниот Балкан до нивното пристапување и посебно обврзаноста на Северна Македонија на добрососедските односи и поголема регионална соработка; и важноста на постигнување опипливи резултати и имплементирање во добар дух на билатералните договори, вклучително и Препанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, согласно Агендата од Тесалоники за Западен Балкан усвоена во јуни 2003 година, Софиската декларација од мај 2018 година, заклучоците на Советот околу проширувањето и стабилизацијата и пристапниот процес од март 2020 година и други релевантни заклучоци на Советот“.

 

Со други зборови, од Македонија се очекува целосна  посветеност на Македонија на полето на добрососедските односи преку имплементирање на договорите со Грција и Бугарија, а обратното би можело да резултира со застој или назадување на ЕУ перспективата.

Како што веќе е познато, новата методологија, а оттаму и предлог преговарачката рамка, предвидуваат реверзибилност (назадување) или целосна блокада на процесот при застој или назадување во исполнувањето на поглавјата. Тоа е рефлектирано и во предлог рамката:

„Предвидливоста на пристапниот процес бара одлучни и пропорционални мерки што ќе ги санкционираат сите сериозни или продолжени стагнации и назадувања во имплементација на реформите и исполнување на барањата во пристапниот процес“.

Во случај на сериозно или континуирано прекршување од страна на Северна Македонија на вредностите на кои Унијата е заснована, Европската комисија може, по своја или по иницијатива на *соодветно мотивирана земја членка (*што ќе приложи адекватни причини), да препорача суспензија на преговорите и да предложи услови за нивно евентуално продолжување, стои понатаму во документот. Советот таква одлука може да донесе преку обратно квалификувано мнозинство, откако ќе ја сослуша Северна Македонија.

Европската комисија, по своја или иницијатива на „мотивирана“ членка, а по исцрпување на сите други механизми/мерки, може да не даде препорака за отворање или затворање на нови поглавја/кластери и во случај на 1) сериозно кршење или подолга стагнација или назадување во имплементација на реформите од фундаменталните кластери, како и 2) во ситуација кога прогресот во фундаментален кластер значително заостанува зад прогресот во други области и ова доведува до генерален небаланс на преговорите за проширување.

 

- Реклама -