Две нацрт листи се на маса во Брисел – едната на земји чии граѓани ќе можат да влезат во земјите од ЕУ штом унијата ги отвори границите, а другата на земји на кои ќе им биде забранет влезот, поради епидемиолошката слика на Ковид-19 во тие држави.
На оваа првата, ја нема Македонија, покажува целосната нацрт листа на ЕУ која ја објави Euronews, добиена преку дипломатски извори во Унијата, откако европските претставници во четвртокот не успејаа да донесат одлука за тоа на кои земји ќе им биде забранет влезот.
Ако е за утеха, на листата ги нема и САД (кои имаат повеќе од 2.4 милиони случаи на Ковид-19), Русија, Бразил и Катар.
Како што пренесува Euronews, во прашање е, односно се разговара и за најавениот датум (1 јули) за отворање на границите на Унијата. Според нивните извори, неизвесно е дали ќе има договор.
Освен тоа, постои несогласување меѓу земјите во однос на критериумот по кој ќе се донесе оваа одлука, со тоа што некои од земјите сметаат дека податоците за стапката на ширење на Ковид-19 не се релевантни. Тие бараат Европската агенција за превенција на болести (ECDC) да обезбеди повеќе детали и листите да бидат ревидирани на секои две недели.
Кога пред две недели беа објавени насоките од ЕУ, официјалните лица рекоа дека ќе биде земена во предвид стапката на ширење (индексот на репродукција R0) во земјите за кои станува збор. Критериумите биле базирани на епидемиолошката слика и во тој момент 47 земји биле на прифатливата листа, а 54 на забранетата. Според Euronews, сега ситуацијата е обратна – 54 земји се на прифатливата нацрт листа.
Како што може да се види, за разлика од Македонија, на листата се Србија, БиХ, Црна Гора, Косово и Албанија.
Министерот за здравство Венко Филипче, пак, вчера изјави дека изминативе пет-шест дена, факторот на пренос на вирусот (R0) во земјава е под 1.
Вчера, исто така, министерот за надворешни работи Никола Димитров на Фејсбук информираше дека консултациите за одлука за слободно патување на ЕУ во однос на граѓаните од регионот се во тек. Како што соопшти тој, одлуката најверојатно ќе биде во форма на препорака до земјите членки (финалната одлука ќе биде нивна), врз основа на епидемиолошката слика на државите и објективни критериуми.