Ќе биде ли сменет Зибери? ДУИ и чичко му го бранат, Антикорупциска вели дека нема пречка

„Уште денеска ќе се консултирам со правниците, и доколку во овој период може, директорот денес ќе биде сменет“, најави денеска Филипче, откако директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери на Фејсбук се пофали дека неговиот личен и придонесот на ДУИ помогнале да се отворат границите за да можат иселениците да се вратат и да гласаат за премиер Албанец.

Следуваше размена на критики, а во одбрана на Зибери, покрај неговата ДУИ, застана и кандидатот на ДУИ за премиер Албанец, кој на директорот на ЦЈЗ му е чичко.

„Д-р Арбен Зибери е кандидат за пратеник во Првата изборна единица и како и секој друг има право да изразува политички ставови во предизборни кампањи заштитувајќи ја институцијата што ја води од какво било политичко инволвирање. Тој беше столб на Владата и Министерството за здравство во борбата против пандемијата и сите сме горди на неговата работа“, реагираа од ДУИ и му порачаа на Филипче „да не се обидува да го негира правото на политичко изразување во предизборната кампања во име на неговите партиски калкулации“.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Кандидатот на ДУИ за надпартиски и наднационален премиер – Насер Зибери, пак, во изјава за „ТВ Клан“ го критикуваше Филипче дека се заканувал со смена на директор, а не знаел дека во предизборен период нема право на именување и разрешување.

За разлика од чичкото на директорот, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) има поинаков став. Како што истакна претседателката на Антикорупциска – Билјана Ивановска, не постојат правни пречки за разрешување на Зибери.

„Значи ние како комисија не гледаме правни пречки за да се спроведе мислата на министерот, дотолку повеќе што во забраните во Изборниот законик, па и во нашиот закон, стои дека се забранува покренување постапка за престанок на работен однос. Тој ќе се промени од функцијата, но неговиот работен однос ќе си продолжи и понатаму како што си работел пред да биде директор во институција. Законот вели дека е забрането започнување на постапка за вработување или за престанок на работен однос, а не за престанок на функција“, изјави Ивановска.

 

- Реклама -