Нови 11 снимки за „Рекет“: Адвокатот Димишков „менаџирал“ и за Бајруш да плати милиони за да излезе од притвор

Продолжува објавувањето на снимени разговори во врска со случајот „Рекет“. Овојпат, на Јутјуб профил под псевдоним „Добар човек“, објавени се 11 аудио парчиња со времетраење од вкупно 66 минути, кои всушност откриваат поголем дел од разговорите што беа објавени вчера.

Во овие снимки, се открива како се одвивал пазарот за излегување на Орце Камчев од притвор. Разговорите се снимени од Зоран Милевски – Кичеец и можат да се поделат во два дела: разговори меѓу Кичеец и адвокатот Васил Димишков, и разговори меѓу Кичеец и Бојан Јовановски алијас Боки 13, објави „360 степени“.

Како што пишува порталот, во разговорите со Димишков Кичеец настапува во улога на човек од доверба на Камчеви и посредува во нивно име за бизнисменот да излезе од притвор. Димишков, пак, е посредник на „другата страна“ и преговара за суми „за да се заврши работата“. Во дел од разговорот, Димишков потврдува дека сумата е голема, но се обидува (преку Кичеец) да го убеди Камчев да плати, давајќи го примерот со тутунскиот бос Бајруш Сејдиу, кога исто така Димишков „менаџирал“ тој да плати три милиона евра за да му биде укинат притворот:

„Затоа што јас на времето менаџирав за Бајруш кога донесоа решение за укинување на притворот. Тоа беше договорено на три милиона. Па после Сашо се испонаљути и го натера Јово на Врховен да го поништи решението законски, ама нема везе. Они беа тогаш силни и на власт и го поништија решението. Меѓутоа, три милиона беше решението за укинување на притворот. Човекот мене ми ги даде три милиона. Значи не е ненормална цифрата, мене ми е сосема нормална цифрата“, вели Димишков во разговорот.

Во вториот дел од објавените разговори, Кичеец и Боки 13 се обидуват околу сумата, бидејќи Камчев не е расположен да плати многу пари. Боки 13 инсистира дека можел и требало да му побара на Камчев и повеќе, бидејќи го знае целиот предмет. Така, во седмата снимка, Боки-13 му вели на Кичеец дека Орце сега ќе треба да плати повеќе отколку што му барал претходно за „лиценца“, на што Кичеец сугерира дека што и да прави треба да биде нормално:

„Што е по тебе нормално? По мене, да му земам дупло од тоа. Да му земам осум, девет“, вели Бојан.

„Ти ако сакаш можеш и 20 да му бараш, работата е да биде“, враќа Кичеец.

„Е така, јас тоа мислам дека за него е пич*ин дим, со оглед на тоа дека цел предмет го знам“, вели Боки.

Другите детали, како и снимките, можете да ги прочитате/чуете ТУКА.

 

 

- Реклама -