Спасовски: Денешниот број на починати покажува дека вирусот е тука и опасен, само од нас зависи исходот од битката

Со 11 починати, денешниот е најцрниот ден во однос на жртви од Ковид-19 во период од 24 часа во земјава, од почетокот на епидемијата наваму. По повод ваквата загрижувачка бројка, порака упати премиерот Оливер Спасовски.

„КОВИД-19 секојдневно одзема животи. Денешниот висок број починати зборува само за едно: Вирусот е тука, опасен е, а може да биде и смртоносен. Иако најголем дел од граѓаните се без симптоми, секој од нас може да биде под потенцијален здравствен ризик“, напиша премиерот на Фејсбук.

Тој „силно повика“ сите да се посветат, преку строго преземање лична заштита, на намалување на бројот на новозаразени.

„Едноставно е! Потребен е ангажман од секого за да воведеме целосна контрола врз епидемијата. Во спротивно уште долго време ќе се бориме со ризиците. Само од нас и од никој друг зависи каков ќе биде исходот од оваа битка.

Да ги направиме едноставните и неопходни чекори, без исклучок. Да носиме маски, да избегнуваме поголеми собири, да држиме дистанца и редовно да дезинфицираме. Да го штитиме нашето здравје, а со тоа ќе го заштитиме и јавното здравје“, порача Спасовски.

- Реклама -