Бројот на заразени со Ковид-19 драматично порасна, болниците се полни, а потребата од конвалесцентна плазма од оздравените – за лекување на хоспитализираните, е сѐ поголема. Но, и покрај апелите на Институтот за трансфузиологија, Министерството за здравство и министерот Венко Филипче, бројката на оние кои се нудат да донираат плазма е мошне мала. Уште помала е бројката на подобни дарители меѓу оние што сепак се покажале крајно хумани и се пријавиле да донираат.
Крвна плазма досега примиле само 15 пациенти. Тоа е премала бројка за да се зборува за конкретни искуства и за потврда дека овој метод на лекување е 100% ефектен, но да, има пациенти кои се излекувале и комплетно го завршиле третманот и се на домашно лекување, вели д-р Билјана Петреска од Клиниката за инфективни и фебрилни заболувања за „360 степени“. Апсолутно има недостиг од оваа терапија, вели Петреска, со оглед на тоа што сѐ повеќе пациенти завршуваат во болница, а со тоа и сѐ повеќе од нив со тешка клиничка слика.
Најголем дел од пациентите, сепак, оздравуваат и, се чини, не погледнуваат назад. Од 1723 оздравени, само 250 лица (односно 15%) се пријавиле да донираат конвалесцентна плазма. Од нив, само 65 ги исполниле прелиминарните услови, а уште помалку – само 15 од нив (односно 6% од вкупниот број пријавени) биле подобни да донираат крвна плазма со антитела. Резултатот е собрани вкупно 23 единици крвна плазма.
Тоа се должи на фактот што голем дел од оздравените од Ковид-19 се слабокрвни и не можат да донираат, додека истовремено голем дел од оние што можат немаат доволна количина антитела во крвта за да може нивната плазма да се искористи за лекување на други пациенти. Освен тоа, донаторите мора да исполнат серија критериуми, покрај стандардните при дарување крв.
Прелиминарните услови за некој да биде земен во предвид за донатор се:
1. Да имаат доказ дека биле болни од Ковид-19
2. Да имаат два последователни негативни тестови во рок од 24 часа
3. Да минат најмалку 21 ден без симптоми
А потоа:
4. Клиниката прави трет тест за коронавирус и истиот треба да е негативен
5. Се зема крв за да се провери дали има доволна концентрација на антитела на кандидатот
Кандидатите што ќе ги исполнат овие услови добиваат термин на Институтот за трансфузиона медицина, но не веднаш донираат. Таму им се проверува крвната слика и други параметри, меѓу нив и состојбата на вените на кандидатот, со цел да се утврди дали крвната плазма може да се земе по пат на плазмафереза (со помош на апарат кој ја центрифугира крвта и ја извлекува плазмата, а остатокот го враќа на донаторот) или, ако вените на кандидатот се слаби – преку стандардно дарување крв. Д-р Седула Усеини – директор на Институтот за трансфузиона медицина, вели дека ги користат сите расположливи средства и промотивни активности за да привлечат што е можно повеќе донатори и додава дека процедурата е апсолутно безбедна.
Формуларот за пријавување, заедно со повеќе информации, оздравените пациенти заинтересирани да донираат можат да го најдат на линковите во продолжение. Прилогот на „360 степени“ можете да го погледнете ТУКА.