Голем дел од лицата кои треба да одат во самоизолација одбиваат да ги примат решенијата за самоизолација, по разни основи. Министерот за здравство Венко Филипче потврди дека дел од нив одбиваат да ги примат решенијата бидејќи не се двојазични, но истакна и дека има многу други причини, како давање лажни телефонски броеви и лажни адреси за контактите, поради што епидемиолозите и здравствените инспектори не можат да ги лоцираат или да стапат во контакт со нив, вклучително и за да им ги врачат решенијата за самоизолација.
За да помогнат во изготвување и достава на решенијата, од четвртокот биле ангажирани и десетина правници и вработени од Собранието, каде дел од службите во периодов немаат работа, потврди Филипче. Истите остануваат достапни и за во претстојниот период, доколку има потреба.
Сепак, истакна министерот, многу време се губи во делење на решенијата, но пред сѐ се загрозува јавното здравје од страна на оние кои одбиваат да соработуваат со епидемиолозите и со Државниот санитарен инспекторат. Од овие причини, но најмногу поради големиот број на лица што не соработуваат, се разгледува можноста јавно да се објавуваат имињата на оние кои треба да се во самоизолација, информираше Филипче. Тоа ќе се реши многу набрзо, најави:
„Се размислуваше и за алтернативна правна форма како овие решенија да се поделат. Една од опциите е, и тоа во многу брзо време ќе го расчистиме, е јавно да се објави, според Законот за управна постапка, список на лица коишто треба да бидат во самоизолација“, рече Филипче.
Од технички аспект не се очекува проблем – листата со имиња најверојатно ќе биде објавена на веб страната на Министерството за здравство, посочи министерот.