Проф. Трајковски: Со оваа динамика го надминуваме италијанското сценарио и можеме да достигнеме 8.000 заразени

Според анализите на професор д-р Дејан Трајковски од Техничкиот универзитет во Битола, актуелниот тренд на новозаразени во Македонија го надминува дури и италијанското сценарио, а во претстојните денови ќе придонесе за огромен пораст на заболените. Трајковски изготвува математички модели од самиот почеток на пандемијата. Прогнозираше, на пример, дека првиот пик ќе се случи на Велигден, како и дека на 25 мај ќе имаме над 2.000 заболени.

Во разговор со ТВ „Алфа“, од Преспа – каде ги минува викендите уживајќи во својата страст кон кајакот и убавините на Преспанското езеро, Трајковски објаснува дека според неговите математички модели, актуелната динамика е страотна:

• Бројките, заклучно со сабота – кога беа регистрирани 196 новозаразени во последните 24 часа, покажуваат дека се преполовил периодот потребен за дуплирање на вкупниот број на заразени во земјава. Така, ако претходно беа потребни 45 дена за двојно да се зголеми вкупниот број на заразени, сега за само 21 ден вкупната бројка се искачи од 2.000 на 4.000. Никој не може со сигурност да каже дали ваквата динамика ќе продолжи или не, но доколку продолжи со ова темпо, може да очекуваме да достигнеме и 8.000 заразени, објаснува Трајковски.

• Според анализата на Трајковски, актуелниот тренд на новозаразени го надминува дури и италијанското сценарио. Како што објаснува, македонски еквивалент на просекот од 5.5 илјади новозаразени во Италија би бил 129 новозаразени во 24 часа, а земјава во последниве денови бележи просек од над 160 новозаразени дневно, со тенденција за натамошен раст. Тоа покажува дека, во однос на динамиката на новозаразени, Македонија веќе ја надминува Италија.

• За 20 дена, овие трендови ќе се одразат и врз бројката на починати на дневна основа. Саботните речиси 200 новозаболени, како што објаснува Трајковски, за 18.5 дена – колку што во просек трае периодот од првите симптоми до смртта, ќе се пресликуваат во најмалку 40 починати на дневна основа. Тоа, вели професорот, е за 50% повеќе од италијанскиот просек.

• Според анализите на Трајковски, базичниот репродукционен број (R0) на коронавирусот во земјава е 1.3 (секој заразен заразува, во просек, 1.3 други лица), а тоа значи дека за да се спречи натамошен нагорен тренд, мора да се преземат ригорозни мерки:

„На лута рана лут лек. Веќе помина време на убедување и сега не помагаат казнувања, ниту молитви. Дојде време за драстично ограничување на контактите меѓу луѓето. Значи, сериозен полициски час, нешто како Кина или Италија од нивните најлоши денови, затоа што сега мораме да го гасиме пожарот“, вели тој.

• Според моделот на Трајковски, просечната смртност во земјава, од почетокот на пандемијата, изнесува 9.5%. Од друга страна, 90.5% се излечени. Меѓутоа, минатата недела – кога репродукциониот број (R0) достигна 2.5, смртноста изнесувала 31 процент.

- Реклама -