Антикорупциска отвори предмет за економските мерки: Стабилни компании добиле помош, под лупа и Анѓушев

Државната комисија за спречување на корупција отвори предмет за првиот сет мерки на Владата за ублажување на економските последици од пандемијата на Ковид-19, информираше претседателката на ДКСК – Билјана Ивановска.

За антикорупционерите е спорно што фирми со добра финансиска состојба се пријавиле и добиле државна помош, од една страна, а од друга, фирми што ги исполнуваат критериумите биле одбиени.

За Антикорупциска е спорно и учеството на Кочо Анѓушев во советодавното тело на Министерството за финансии формирано на почеток на падемијата, затоа што негови фирми, исто така, добиле финаниска помош.

„Тој како советник може да влијае во утврдувањето на критериумите за мерките, за после од другата страна да се јавува како корисник на истите. Тоа веќе го видовме во една ситуација кога учествуваше во донесување на одлука на Влада, каде што понатаму, бенефитите ги имаше неговата фирма. Во таа насока би одело разгледувањето на предметот“, рече Ивановска.

Таа истакна дека Комисијата веќе доставила барање за сите податоци што се однесуваат на првиот сет мерки од Владата, вклучително и за случајот со Кочо Анѓушев, со цел да се видат сите факти и аргументи. Уверува дека будно се следат сите процеси во периодот на вонредната состојба, особено трошењата на буџетските средства и дали се оправравдани или не.

Притоа, Ивановска истакна и дека Антикорупциска ќе ги разгледа и информациите и критериумите за одлуката за помош на невладините организации, а посочи и дека Комисијата укажала дека е неопходно јавно да биде објавена листата на добитниците на домашната платежна картичка, со цел да се утврдат евентуални системски грешки.

 

 

- Реклама -