Директорот на „Службен весник“ и претседател на Општинската организација на СДСМ во Куманово – Мартин Костовски, направил тест за коронавирус и ги очекува резултатите. Како што соопшти на Фејсбук, бил во контакт со директорката на УЈП – Сања Лукаревска, која пак е позитивна на Ковид-19. Независно од исходот, Костовски вели дека ќе остане во самоизолација во следните 14 дена:
„И покрај строгото почитување на мерките и минималните контакти со луѓе, сакам да ве информирам дека јас пред еден час направив тест за вирусот КОВИД 19 поради контактот со другарката Сања Лукаревска која е позитивна на вирусот. За среќа немам никаков симптом и се надевам дека нема да бидам позитивен. Следните 14 дена ќе бидам во самоизолација и обврските ќе ги вршам во домашни услови.
Затоа уште еднаш апелирам до сите да не го потценувате вирусот и можноста за зараза и да бидете максимално внимателни“.
Во самоизолација се остануваат и вицепремиерката за економски прашања – Мила Царовска и министерот за информатичко општество и администрација – Дамјан Манчевски, согласно препораките, и покрај тоа што пристигнаа резултатите и се негативни на коронавирус, соопштија од СДСМ. Царовска и Манчевски се во самоизолација поради контакт со потпретседателот на партијата Мухамед Зекири.
Фото: Кумановски муабети