Спасовски: Вонредните парламентарни избори ќе се одржат на 5 јули, продолжувањето на вонредната состојба го фиксира датумот

Вонредните парламентарни избори ќе се одржат на 5 јули, објави техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска во Куманово, на заедничката прес-конференција со ко-носителката на листата на кандидати на СДСМ во втората изборна единица – директорката на УЈП Сања Лукаревска.

По завршувањето на вонредната состојба од 14 дена се исполнува законскиот рок од 22 дена до изборите, рече Спасовски и истакна дека тоа е единствена опција пропишана со закон и дека не постои друг правен механизам.

„Ако прецизно се одброи, тоа значи дека изборите ќе бидат на 5 јули. Било какво пролонгирање не можно ниту од правен, ниту од праведен аспект“, порача тој.

Според Спасовски, алтернативи нема. Изборен термин во летниот период би значел загрозување на гласачкото право на граѓаните, бидејќи е спротивно на правото на летен одмор. Избори наесен, пак, „се опасна идеја по здравјето на граѓаните и економијата“, рече Спасовски.

„Со ова ова последно продолжување на вонредната состојба, датумот за избори се фиксира на 5 јули“, дециден беше Спасовски, додавајќи дека најпосакуваната опција сепак е политички консензус со опозицијата околу датумот на нивно одржување, но дека поради немањето политички договор нема да се дозволи ВМРО-ДПМНЕ вечно да прави саботажи.

На вчерашната прес-конференција по завршувањето на состанокот на Советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски, најавувајќи дека ќе прогласи нова 14-дневна вонредна состојба, категорично истакна дека таквата одлука нема никаква врска со изборите.

- Реклама -