Два авиони „Б1“ на американското воено воздухопловство, придружувани од четири грчки ловци од типот „Ф16“, денеска ја надлетаа Македонија како гест за добредојде меѓу полноправните членки на НАТО.
Авионите дојдоа од правец на Меѓународниот аеродром во Скопје и се движеа долж Повардарието на височина од 1.500 метри. Американските авиони полетаа од сојузната држава Јужна Дакота и имаа 30 часовен непрекинат лет со полнење гориво во воздух.
„Нашите американски сојузници испраќаат силна порака дека нашите две земји одржуваат одлична соработка и дека по континуираната поддршка што ни ја даваа на патот кон НАТО, и по влезот во Алијансата остануваат и понатаму наш силен сојузник и стратешки партнер”, потенцира министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„Иако изминативе недели наш најголем фокус беше на заедничката борба против Ковид-19, не треба да дозволиме тоа да ги замагли историските достигнувања на земјата – влезот во НАТО и добивањето зелено светло за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. САД покажуваат дека се тука и дека ги поддржуваат НАТО-сојузот и нашиот нов сојузник. Овој прелет е симбол на продлабочувањето на нашето пријателство“, изјави американската амбасадорка во земјава – Кејт Мери Брнс.
„Демонстрацијата на овој прелет е уште една потврда за срдечниот прием на Северна Македонија во НАТО и сигнал за продолжување на соработката. Членството на Република Северна Македонија во НАТО започна со широка поддршка од страна на сојузничките земји, која се покажа и при здравствената криза од коронавирусот со бројни донации во медицинска и заштитна опрема од страна на сојузниците. Како нова членка на НАТО, Република Северна Македонија е опфатена и со програмата за воздушно патролирање која е ексклузивна само за членките на Алијансата и чија цел е заштита на небото на државите од НАТО“, порачаа од Министерството за одбрана.