Дали ќе се прогласи нова вонредна состојба или животот ќе продолжи паралелно со коронавирусот и релаксирани мерки, ќе се одлучува врз основа на анализите, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски во Штип. Ако се процени дека преку вонредна состојба полесно е справувањето со кpизата, ќе се донесе и таква одлука.
Прашан зошто Владата не ја послуша препораката на Комисијата за заразни болести за целосен карантин за време на изминатиот продолжен викенд и дали тоа е резултат на одредени притисоци, Спасовски негираше било какво влијание врз одлуката, притоа потсетувајќи на неговата изјава дека никој не е посилен од државата. Се испочитуваа сите препораки на Комисијата, а им се даде и простор на граѓаните, посочи премиерот за изминатиот викенд, по малку и револтирано испраќајќи порака дека граѓаните мора да ја зголемат свеста:
„Одговорноста е на сите нас, од сите нас зависи колку ќе успееме да се заштитиме. Граѓаните мора да ја дигнат свесноста на повиско ниво, во време кога разговараме на подигнување на мерките. Од една страна разговараме за тоа дали треба да има карантин или не и најголем дел од луѓето и од медиумите укажуваат дека не ни се потребни повеќе рестриктнивните мерки и дека не е потребно да имаме затварање на државата, а од друга страна кога тоа ќе ни се случи, прашуваме зошто не сме затвориле, зошто не сме ја блокирале државата? Зошто немаме рестриктивни мерки?“, потенцираше Спасовски, додавајќи:
„Едноставно, државата не може да живее постојано под рестриктивни мерки. Имаме состојба во која здравствениот систем функционира, состојба во која здравствениот систем може да одговори на сите потреби и врз основа на тоа ги носиме одлуките за разлабавување на рестриктивните мерки“, рече Спасовски.