„Да расчистиме – никој не е посилен од државата. Ни политичар, ни верски лидер, ни институција, никој. Државата е таа која ги носи одлуките и таа која управува со системот во вакви ситуации“, порача денеска премиерот Оливер Спасовски, прашан дали Владата се соочува со притисоци пред денешната владина седница на која ќе се одлучува (дали ќе има и) колку ќе трае полицискиот час за време на претстојниот продолжен викенд, кога државата го празнува Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“, но пред сѐ, муслиманските верници го прославуваат големиот верски празник Рамазан Бајрам.
„Ако некој мисли дека ќе врши притисок, да знае дека со притисокот нема да издејствува ништо. Ако носевме одлуки под притисок, верувајте, ќе имавме по две седници на ден – една претпладне и ќе носевме одлуки, и една попладне за да носиме одлуки за оние на кои не им се допаѓаат мерките“, уверува Спасовски.
„Нема додворување на граѓаните за политички поени. Ние секогаш сме постапувале и сме ги подржувале препораките на стручната фела. Нема никакви причини, ниту недоразбирања, ниту различни ставови – скоро 100 проценти сме едногласни, со исклучок на министерот претставник на опозицијата во Владата, дека треба да носиме одлука врз основа на науката, а не врз основа на политиката“, додаде Спасовски, прашан зошто владината седница е закажана дури за попладнево во 17 часот.