Отец Митевски: Со темата за причеста се навлегува во светоста – Ако верувам во дејството на сапунот, како тогаш не верувам во Христовата благодат?

Сега е време верниците да го послушаат Синодот, кој ги поддржува мерките на Владата за борба против коронавирусот, и да останат дома, порача презвитерот Бобан Митевски од кабинетот на архиепископот на МПЦ синоќа во дебатниот магазин „Click Plus“ на „ТВ21“.

„Секако дека ние веруваме дека секој верник којшто е свесен и одговорен за општото добро и пред општеството, ќе знае таа одговорност и да ја покаже и дека нема да покажува некаква волја или некакви чекори да го нарушува сето она коешто и ние како свештеници, како Синод и како црква го побаравме како некое своевидно послушание и исполнување од страна на нашите верници – дека за време на полицискиот час нема да се прават некои своевидни егзибиции, да се покажува некаква непотребна ревност, да се прекршува полицискиот час и да се посетуваат храмовите. Ова е момент кога треба да се исполни зададеното послушание од Светиот архерејски Синод, од нашите епископи – да се седи дома и во домот молитвено да се дочека и да се објави Христовото Воскресение“, порача Митевски.

Тој беше прашан и за обредот на причестување и фамозната „една лажичка“ – тема која деновиве предизвикува голема загриженост кај голем дел од граѓаните, а оттаму е и актуелна во медиумите – поради опacноста од дополнително ширење на епидемиjaта на коронавирисот во најкритичниот период за земјава.

„Од почит кон вас и кон јавноста ќе одговорам и ќе го дадам својот коментар на ова прашање, иако го заслужува целосното игнорирање и од страна на црквата и од страна на свештенството и од страна на верниците, зашто оваа тема што се отвори во јавноста не се отвора врз основа на факти, на нешто коешто е докажано, туку врз основа на еден милитантен атеизам со којшто ние низ годините наназад, особено во овој период на страстната недела се соочуваме“, рече Митевски, додавајќи дека тоа само ќе ги направи свештените лица и верниците поревносни.

„Знаете, ако сапунот го уништува вирусот, ако алкохолот го уништува вирусот, тогаш колку тeлото и кpвта Христови не би го уништиле вирусот? Ако јас верувам во дејството на сапунот и на сите оние средства кои се користат за дезинфекција, како тогаш не верувам во Христовата благодат, во Христовото дејство, односно во светоста на светата причест? Ако читам во молитвата дека ја примам причеста за исцеление на душата и телото и тоа го правам 2.000 и повеќе години наназад, зар сега некој ќе ја стави под испит и под прашање мојата вера?

Значи овде ние доаѓаме до еден момент кога на една страна се тие што веруваат дека е тоа така, на друга страна се тие што не веруваат. И верувањето и неверувањето се израз на слободна волја, ама ние не можеме да ја разбереме милитантната потреба на оние што не веруваат да го бараат отчетот за нашето верување. Тие не приложија никаков факт дека се случува тоа – дека причеста, дека лажичката пренесува каква и да е болест. А јас, од друга страна, приложувам факт. Во повеќе од 2.000-годишната историја на црквата, еве и јас самиот речиси 10 години сум свештеник – причестувам секоја недела, после секоја причест она што ќе остане јас го употребувам. Фала му на Бога сум жив и здрав“, категоричен е тој.

Тој објасни дека МПЦ и свештениците можеле да не се причестат и да не дозволат причестување на верниците во овие денови и празници, но, како што рече, тоа ќе било резултат единствено на тоа да не се дозволи групирање на повеќе верници или мноштво народ во црквата:

„Затоа што знаеме дека ГРУПИРАЊЕТО може да биде извор на ширење на заразата. Ама никако не можеме да дозволиме некој да смета и да ни тврди дека причеста може да биде извор на заразата. Тоа се две различни теми.

Ние како црква, како верен народ, во овој период многу снисходевме, прифаќајќи ги мерките на државата, соработувајќи, затоа што и ние сфаќаме дека тоа е потребно, не како некаква наметливост. Дури отидовме и малку подалеку. Го забранивме присуството на верниците на богослуженијата, дури и физичкиот контакт – давањето благослов, целивањето на иконите. Ама до тука можеме.

Со причеста веќе се навлегува во сверата на светоста и нашата вера се доведува под прашање. Нашето верување – верувањето во Христос, во Господ, којшто е чист, којшто е семоќен, од кого што не можеме ние да имаме нешто што ќе ни нанесе зло, туку напротив, само нешто добро. Да, можам и јас утре да се разболам од коронавирус, ама тоа нема да биде поради тоа што сум се причестил“, заклучува Митевски.

- Реклама -