Левица: Продолжување на вонредната состојба е спротивно на Уставот!

Итен и безусловен прекин на вонредната состојба, веднаш по истекот на уставно предвидените 30 дена, бара пapтијата Левица, по најавите на претседателот Стево Пендаровски дека е извесно продолжување на вонредната состојба. Според Левица, таквото продолжување е спротивно на Уставот, бидејќи Членот 125 го ограничува максималното времетраење на вонредната состојба на најмногу 30 дена. За Левица е нејасно од каде Пендаровски или Советот за безбедност ги црпат своите ингеренции, а сметаат и дека покрај тоа што е неуставно, продолжувањето на вонредната состојба е и непотребно. Во продолжение можете да ја прочитате реакцијата во целост:

„Политичката партија Левица, како одговорен политички субјект кој прв побара прогласување вонредна состојба, тогаш кога надлежните институции не знаеја да изнајдат правен механизам како да ги одложат изборите – бара итен и безусловен прекин на вонредната состојба, веднаш по истекот на уставно предвидените 30 дена!

Остро се противиме на најавите на претседателот на Републиката – г. Пендаровски, дека се планира „продолжување на вонредната состојба“, бидејќи тоа е спротивно на Уставот на Република Македонија. Членот 125 од Уставот е јасен и го ограничува максималното траење на вонредната состојба на најмногу 30 дена! Оттука, нејасно е од каде Кабинетот на претседателот или Советот за безбедност ги црпат своите ингеренции за арбитрерно дуплирање на овој стриктно утврден уставен рок!?

Продолжувањето на вонредната состојба, не само што е противуставно, туку е и непотребно! Впрочем, таа беше воведена како правен механизам само за одлагање на веќе распишаните парламентарните избори, а не и за справување со последиците од корона-вирусот. За борба против епидемијата на властите им стојат на располагање огромен број ингеренции и координативни мерки предвидени во Законот за заштита на населението од заразни болести (2004) и во Законот за управување со кризи (2005), кои даваат потполна правна уреденост на постоечкото прашање, наместо авторитативно и нетранспарентно носење безброј уредби со законска сила кои немаат никаква врска со болеста.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Во случајов, проблематично е и тоа што овие агресивни и непропорционални здравствено-полициски мерки се носат паушално и необмислено, од страна на преодна влада која има ограничен мандат само за техничко организирање фер и демократски избори.

Апелираме, носителите на извршната власт, односно Претседателот и Владата на Република Македонија да постапуваат внимателно и одговорно во оваа сериозна ситуација, да не си поигруваат со загарантираните слободи и права на човекот и граѓанинот и стриктно да го почитуваат Уставот на РМ! Доколку, и покрај нашите барања, се одлучи да се донесе противуставна одлука за некакво си бесправно и неосновано „продолжување на вонредната состојба“ – истата, од наша страна, веднаш ќе биде оспорена пред Уставниот суд на РМ“, се вели во реакцијата.

- Реклама -