(ФОТО) Виолета Огњанова, анестезиолог на Инфективна клиника: Кога ова ќе помине, сите повеќе ќе му се радуваме на сонцето

„Без филтер, бидејќи оваа фотографија не заслужува филтер. Во првите борбени редови на Ковид-19 единицата“, напиша по повод Светскиот ден на здравјето 30-годишната Виолета Огњанова – која е на специјализација на Универзитетска Клиника за aнестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), а во моментов е распределена на Инфективната клиника – на Фејсбук, споделувајќи фотографија од трагите на нејзиното лице оставени од заштитната маска N95, која е главната бариера меѓу нејзиното сопствено здравје и пациентите заболени од коронавирус кои се xocпитализирани на Инфективната клиника.

Со ова Огњанова го следи примерот на докторите од останатиот дел од светот, пред сѐ на тие од Вухан, кои споделуваа вакви фотографии за да ѝ покажат на јавноста колку се жpтвуваат за здравјето на другите, со единствена цел да ја разбудат свеста кај граѓаните дека треба да им помогнат со седење дома, бидејќи тоа е единствениот ефикасен начин за спречување на ширењето на Ковид-19.

Во разговор со „А1он“, Огњанова признава дека иако работата со вакви пациенти е она за што целиот живот учела и се подготвувала, таа како и другите доктори сепак е исплaшeна бидејќи се работи за нов вирус кој е мошне непредвидлив. Но тоа не ги спречува. „Стискаме заби и работиме“, вели таа, додавајќи дека ова ѝ е предизвик и дека ѝ претставува чест да биде дел од првите борбени линии.

Директорката на КАРИЛ – Маја Мојсова, во обид да ја долови борбата на докторите, опишува какво е чувството цел работен ден да се носи маска и заштитно одело:

„Има луѓе кои тивко си ја работат својата работа. Многу се такви на Инфективната клиника. Па еве јас имам предизвик за вас – земете маска N95 и земете скафандер, макар и за скијање. Облечете се по дома и со тоа почнете да усисувате, бришете прашина, да готвите и да пружате алишта. И потоа објавете колку време сте издржале“, пишува Мојсова.

Сепак, една од големите жpтви што докторите во првите борбени линии ги прават за нас е што тие самите мораат да се изолираат од своите семејства. Истото важи и за Огњанова, која воедно испраќа и апел:

„Се изолирав од домашните за да не ги доведам во опасност и за да можам да работам…

Знам дека на никој не му се допаѓа да биде постојано затворен дома. И мене ми е грозно чувството кога се враќам од работа за време на полицискиот час и гледам само празни улици. Но, верувајте, ова ќе помине, никој не знае точно кога, но потоа сите повеќе ќе му се радуваме на сонцето“.

- Реклама -