Ковид-19 во Македонија: Близу 1 на секои 10 тестирани е позитивен, речиси секој четврти е xoспитализиран

Заклучно со 03 април 2020, во земјава се регистрирани вкупно 483 случаи на COVID-19.

Највисока инциденца има во Дебар, со 176.5 заболени на 100 илјади жители, во Куманово (65.2 заболени на 100 илјади жители) и во Скопје (35.8 заболени на 100 илјади жители), покажува кумулативниот извештај на Институтот за јавно здравје заклучно со 3 април.

Од досега потврдените случаи, 230 се машки, а 253 се женски лица. Просечната возраст на заболените е 44.9 години, од кои најголем број се на возраст над 60 години (20.9% од вкупниот број), додека најчесто заболена е старосната група од 50 до 59 години.

Извештајот покажува и дека речиси секој 10-ти од тестираните е позитивен. Во периодот од 15 февруари до 3 април, во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на коронавирусот (SARS-CoV-2), се тестирани вкупно 4.920 материјали, од кои 483 се позитивни.

Вкупен број на тестови направени за COVID-19 заклучно со 03.04.2020 во Р.С. Македонија

Заклучно со 2 април, 23.7% од вкупниот број потврдени случаи биле xocпитализирани, додека останатите случаи биле или сѐ уште се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.

Најчести симптоми се кашлица (64,1%), температура (63,2%), слабост (33,6%), главоболка (22,0%), треска (19,1%), болка во грло (17,1%) и отежнато дишење (16,4%), а 126 лица немаат или немале изразени симптоми.

Во однос на коморбидитети, кај 108 лица се присутни хронична/и здравствени состојби: 79 лица имаат кардиоваскуларна болест, 24 лица се со хронична белодробна болест, 24 со дијабет, 5 со хронична бубрежна болест и 9 со други хронични болести.

Регистрирани се 52 случаи на заболување меѓу здравствени работници. Од овој број, 34 се заболени во болнички/ амбулантски услови, покажува извештајот.

- Реклама -