Министерство за здравство: Позитивните на тестовите во „Систина“ задолжително да направат тест и во ИЈЗ

Дел од упатството на брзите тестови што се прават во „Систина“

„Тестовите кои ги користи приватната клиника Систина се различен тип од тестовите на сите останати институции. Имено, тие тестови го детектираат присуството на анти тела на вирусот Ковид-19, додека останатите тестови го детектираат директното присуство на самиот вирус“, појаснуваат од Министерството за здравство откако медиумите објавија дека вчера (1 април), од 327 направени т.н. брзи серумски тестови во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, дури 54 се позитивни, како и дека во изминатите четири дена (од 28 до 31 март) во „Систина“ се тестирани вкупно 485 пациенти, од кои 34 биле позитивни, а од кои само 20% имале зголемена температура и симптоми на Ковид-19.

Од Министерството објаснуваат дека за позитивни се сметаат оние пациенти кои се позитивни на вирусот и исклучиво тие се водат и внесуваат во дневната статистика. Тие ги упатуваат сите пациенти кои се детектираат како позитивни на тестовите на анти тела кои ги прави Систина, задолжително да направат тест за присуство на вирусот и во Институтот за јавно здравје, согласно одлуката на Комисијата за заразни болести во министерството.

Од „Систина“, пак, објаснуваат дека COVID – 19 IgG/IgM Rapid Test-от кој се користи во нивната болница е произведен во Холандија и претставува серумски рапид тест кој како хроматографски тест се користи за детектирање на антителата IgG-IgM. Комбинираната употреба на IgG и IgM тестот може ефикасно да детектира претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото, велат оттаму.

Табелата на интерпретација изгледа вака:

Според препораката на Светската здравствена организација за масовен скрининг на населението, овие тестови активно со таа цел се користат во САД, Велика Британија, Италија, Норвешка, Канада, Шпанија, Нов Зеланд, Брунеи, Обединети Арапски Емирати,Индонезија, Бразил и Романија. Со вакви брзи тестови, како единствено разумно моментално решение, бидејќи како и сите земји зафатени од пандемијата се во трка со времето започнаа и Бугарија и Србија, велат од „Систина“.

Тие истакнуваат дека и епидемиологот и ексминистер за здравство проф.др Даниловски ги поддржува препораките на СЗО и во онлајн-дискусијата со членовите на „Наука за сите“, која се одржала во средата на 25 март изјавил:

„Нешто што паралелно на рестриктивните мерки мора да се прави и што Светската здравствена организација постојано го препорачува е: тестирање, тестирање, тестирање…

„Јас веќе поднесов барање за да набавиме 400.000 брзи тестови, со кои за десетина минути се определува нивото на IGM антитела, кои први се јавуваат во 9-тиот ден по инфекцијата, па само тие што ќе имаат покачено ниво на IGM потоа да бидат тестирани со тестови за вирусот“, пренесуваат од болницата.

Оттаму информираат и дека покрај иницијалните 15.000 тестови набавиле уште 35.000 COVID – 19 IgG/IgM Rapid тестови следејќи ги препораките за рана детекција на вирусот како една од главните мерки со цел да се спречи неговото ширење.

„Во врска со дезинформациите кои се шират во јавноста, а се поврзани со овие тестови кои се произведуваат во Холандија и ги користи КБ Аџибадем Систина, Болницата денес ќе ја извести и холандската амбасада во нашата земја. Во исклучително сериозна ситуација кога се бориме со еден животозагрозувачки вирус, со единствена цел спречување на неговото ширење и зачувување на здравјето на луѓето недозволлива е било каква манипулација во јавноста на оваа тема“, додаваат од болницата.

- Реклама -