Вкупниот број на дијагностицирани заболени од Ковид-19 се искачи на 285, починал пациент од Дебар

Во изминатите 24 часа се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус во земјата, информираат од Министерството за здравство и министерот Венко Филипче.

Целосен преглед за состојбата по градови ќе биде испратен дополнително, бидејќи дел од потврдените се со работа во Скопје, но место на живеење во друг град, а анкетите се се уште во тек, велат од министерството.

Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во земјата денеска до 12.00 часот изнесува 285 лица.

Утрово на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина еден пациент на 79 години, од Дебар. Пациентот е дијагностициран позитивен на Ковид-19 на 23 март, а со влошена здравствена состојба хоспитализиран на клиниката во Скопје на 25 март.

Денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се испишани 9 пациенти (8 од Дебар и 1 од Скопје) кои на два контролни теста на Ковид-19 имаа негативен резултат. Нивната здравствена состојба е добра и тие заминаа дома, информираат од министерството.

- Реклама -