50-те респиратори што требаше да стигнат неделава се заглавени во Бразил, добри вести од Кина

Државата во моментов располага со вкупно 120 респиратори, но таа бројка во моментов е сосема доволна за да ги задоволи потребите на македонскиот здравствен систем во борбата против Ковид-19, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Како што посочи, според светските искуства околу 5% од пациентите завршуваат на респираторна машина. На бројка од 1.000 пациенти, тоа би значело дека 50 заболени ќе имаат потреба од респиратор.

Филипче и денеска ги демантираше шпекулациите дека била направена набавка на респиратори по многу повисока од реалната цена, но истовремено информираше и дека токму споменатата набавка, која е во тек, е во застој поради проблем во земјата од каде што треба да пристигнат.

Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче појасни дека тоа е истата набавка на најавените 50 респиратори кои требаше да пристигнат до крајот на неделава, но дека тие се запрени во Бразил, од каде што треба да пристигнат, и тоа со одлука на бразилската влада за стопирање на извозот на респиратори. Министерот додаде дека нашето министерство и амбасадор во Бразил се во интензивна комуникација со бразилското МНР и се прават напори за дипломатска разрешница со која набавката би се реализирала.

Сепак, Филипче уверува дека моменталниот број на респираторни машини е сосема доволен, а притоа соопшти и добра вест од Кина. Имено, Кина денеска потврдила дека ќе резервира 200 респираторни машини наменети за Македонија. Преостанува, условно речено, само да се формализираат актите и правните механизми околу тоа како респираторите треба да пристигнат во нашата земја.

- Реклама -