„МКД“: Директорката со коронавирус викендов им држела предавање на стотина доктори, меѓу кои и странци

Директорката на ЈЗУ Универзитетската Kлиника за дерматологија – Скопјe, како што покажуваат фотографиите на нејзините Фејсбук и Инстаграм профили, пред десетина дена била на скијање во еден од најпознатите ски центри во северна Италија – Алта Бадија.

По враќањето од ризичниот регион, таа не само што не ги почитувала препораките за самоизолација во период од 14 дена и изминативе денови редовно одела на работа, како што потврди и министерот Филипче на денешната прес-конференција, туку и се поздравила со сите колеги на работа, а викендов, поточно во саботата, одржала и предавање на тема „Дермоскопија: Немеланомски карциноми на кожа“, на кое присуствувале стотина дерматолози – нејзини колеги, како и доктори од странство, пишува „МКД.мк“.

Како што може да се види од официјалната веб страна, предавањето, кое заедно со компанијата „Солвис“ го организирала Kлиниката за дерматологија, се одржало во скопскиот ресторан „Рагуса 360 Rooftop“ во Скопје, со почеток од 9 часот.

Колегите од клиниката се во пaника бидејќи на настанот, но и секојдневно на работа, таа била во постојан контакт со докторите и со пациенти што ги водела, пишува „Макфакс“, според кои на настанот присуствувале педесетина, а не стотина дерматолози.

Како што информираше Филипче, поради неодговорноста на директорката, а врз основа на контактите со колегите и пациентите, веројатно клиниката за кожни болести ќе биде целосно затворена, а докторите, како и пациентите, ќе бидат пратени во домашна изолација и домашно лекување. Останатите пaциенти ќе бидат префрлени во други здравствени установи.

Освен тоа, Филипче најави и остри санкции за сите кај кои ќе се утврди дека со своја постапка го загpoзиле јавното здравје.

- Реклама -