„360 степени“: Османи во 2017-та се согласи да го почитува мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазици

Нешто повеќе од две години пред вицепремиерот Бујар Османи да ги толкува забелешките на Венецијанската комисија како позитивна оценка и препорака со засилено темпо да се создаваат капацитети и да се имплементира и применува Законот за употреба на јазици и пред да порача дека „секој еднонасочен обид за правење измени ќе ја помести државата од оската на балансот меѓу Мaкeдoнцитe и Aлбaнцитe“, ДУИ беше согласна да го почитува мислењето на Венецијанската комисија, пишува „360 степени“.

„Европската комисија е информирана дека Владата го усвои предлог-законот за употреба на јазиците и дека планира да го достави до Собранието. Го поздравуваме фактот што Владата во својот план 3-6-9 се обврза да се консултира со Венецијанската комисија за нацрт-законот и очекуваме дека ќе се разгледаат препораките на таа комисија“, изјави во септември 2017-та за „Мета.мк“ Маја Коцијанчич – портпаролка на ЕК, потсетува порталот. Тој став ЕК го повтори и по усвојувањето на Законот за употреба на јазици во Собранието, во јануари 2018-та, бидејќи предлог-законот сѐ уште не беше испратен на разгледување пред Венецијанската комисија.

Прочитајте и:  Честитка од Ахмети за Денот на албанската азбука: До вчера го унапредувавме, денеска мора да го браниме албанскиот јазик 

Во јули 2017-та пак, вицепремиерот Бујар Османи во интервју за „Макфакс“ тврдеше дека „додека трае расправата во Собрание, ќе стигне препораката и од Венецијанска за законот за јазици“. Во истото тоа интервју, самиот Османи  потенцира дека препорака на еврокомесарот Јоханес Хан било Законот за јазици да биде оценет од Венецијанската комисија пред да се усвои, за во иднина да не биде оспорен пред Уставниот суд. Во интервјуто Османи вели и дека „за разлика од претходната влада, актуелната одлучила да ги вклучи сите забелешки на Прибе, Венецијанската комисија, ГРЕКО, препораките на ОБСЕ/ОДИХР и извештаите на ЕК за Македонија“.

Да се бара мислење од Венецијанска комисија за Законот за јазици, на владината седница на која беше донесена одлуката, согласност дадоа и министрите од ДУИ, потсетува „360 степени“. Деновиве, меѓутоа, Османи ги релативизира и важноста и значењето, и содржината на мислењето на Венецијанската комисија, заклучува порталот.

 

- Реклама -