ВМРО-ДПМНЕ: Ги знаеме падни-стани ставовите на Митко Јанчев

Нема конкретен официјален коментар од ВМРО-ДПМНЕ за присуството на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев на вчерашната трибина „На прав пат“ на СДСМ во Кавадарци, но неофицијално извори од партијата за „МКД.мк“ алудираат дека објаснувањето на Јанчев сепак го сметаат за само изговор.

„Јанчев си има свои ставови и си тера по нив. Секако дека како градоначалник може да каже дека бил поканет и присуствувал на трибината за да знае што се случува во неговиот град. Но, ги гледаме неговите ставови во стилот ‘падни-стани‘. Па така еднаш рече ќе правел партија, па после се повлекува. Така што, тој си знае што прави“, пренесува порталот.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Димче Арсовски, од друга страна, на новинарско прашање да го коментира присуството на Јанчев на трибината, порача само дека „секој е одговорен за своите постапки“.

Според извори на „Слободен печат“, во ВМРО-ДПМНЕ се подготвува предизборна партиска чистка за „непослушните членови“, а прв на таа листа е токму Јанчев.

Прашан дали Јанчев ќе биде вклучен во кампањата за предвремените избори и дали можеби ќе се најде на листите на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовски велат дека сѐ уште е рано за персонални решенија и дека во овој период се подготвува програмата со која планираат на овие избори да им го нанесат најголемиот пораз на СДСМ. Сепак, вели Арсовски, во кампањата има место за секој оној што е на иста линија со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, под услов да се работи за луѓе со капацитет и кои ќе бидат на иста линија во однос на „визијата и на целите за да се подобри иднината на Република Македонија и буквално иднината на секој еден граѓанин на Македонија“.

Прочитајте и:  Деманг на Дрин Ахмети на прес-конференцијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Лефков

Според „Слободен печат“, пак, првиот сигнал за исклучувањето на Јанчев било непоканувањето на Јанчев на прославата во Прилеп за Денот на ВМРО.

Од ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа, велат дека покани добило единствено најтесното партиско раководство, а можел да присуствува секој што ја цени партијата и го цени и почитува Денот на ВМРО – 23-ти октомври.

„Како што знаете беше покриено и од страна на медиумите, имаше илјадници приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ кои што исто така не беа поканети, но гледајќи ја нашата јавна покана преку медиумите за организација на настанот дојдоа им беше чест да присуствуваат на таков настан и едноставно ги слушнаа пораките кои што испративме од таму“, рече Арсовски, додавајќи дека и тој самиот не добил лична покана.

 

- Реклама -