Движењето кое ќе го формираат Демократската партија на Србија (ДСС) и нејзиниот лидер Милош Јовановиќ, за претстојните парламентарни избори во Србија, ќе се вика „Метла 2020“, пишува „Blic.rs“.
Според порталот, Јовановиќ и уште неколку коалициони партнери дури и правно го заштитиле „необичниот назив“ на кампањата во Агенцијата за деловни регистри, откако токму ова име добило највисоки оценки од фокус групите кои оценувале неколку предлог-имиња на движењето.
И додека за било кој отстрана ова не би имало никаква врска со Македонија, сигурни сме дека кај македонската јавност веднаш се јавува сомнеж за оригиналноста на идејата кај оној што го предложил овој наслов за кампањата. Имено, иако оттогаш се случи многу, само до пред некој месец македонската јавност на долго и широко се занимаваше со метафоричката метла на Заев и буквалната метла што му ја подари актерот Драган Спасов – Дац, а за што известуваа и дел од медиумите во регионов, вклучително и српските. Или, изразувајќи се преку речникот на младата генерација – преку меме, сега Заев и Дац го читаат насловов, се погледнуваат еден со друг и ги прашуваат спрскиве политичари: Am I a joke to you?