Хан: Северна Македонија и Албанија направија реформи кои во нашите земји не би биле возможни

Денешниот нема да биде славен ден за Европа и Европската унија не може да биде горда на денешниот министерски состанок, рече еврокомесарот за проширување Јоханес Хан откако министрите за надворешни работи од земјите членки не се усогласија за позитивна одлука за доделување датум и почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Хан истакна дека нема дилема дека одложувањето на позитивна одлука ќе го повpeди кредибилитетот на Унијата на Западен Балкан, но додаде и дека не се работи за обично проширување, туку истото има и политичка стратегија зад себе. Се работи, рече Хан, за комплетирање на обединувањето на Европа и остварување на амбициите за зголемување на влијанието на Европската унија во сопствениот двор.

„Ако не можеме да го постигнеме тоа во нашиот внатрешен двор, на домашна територија, зошто би очекувале тоа да го постигнеме надвор?“, праша еврокомесарот, додавајќи дека штом отсуствува успехот на Европа, Унијата не треба да е изненадена ако во регионот постигнат важна улога „некои други сили“. „Очигледно тие се далеку попосветени и поамбициозни од нас“, прекорно искоментира тој.

Прочитајте и:  Блумберг: Европа ќе мора да ги удвои трошоците за одбрана поради војната во Украина

Хан беше категоричен дека Северна Македонија и Албанија ја завршиле домашната задача. Двете земји, рече, направиле мошне болни реформи „кои веројатно во најголемиот дел од нашите земји не се возможни“, додавајќи дека не се работи за тоа ЕУ да награди одредени политичари, туку за давање надеж за надежите и амбициите на граѓаните на двете земји.

И покрај тоа што денес „не било можно“ решение, Хан им се заблагодари на министрите и пред сѐ на финското претседателство со Унијата, кое направи сериозни напори за да дојде до компромис. Сепак Хан порача дека е вечен оптимист и дека очекува на состанокот во четврток и петок, лидерите на земјите членки да го направат она што не го направија денеска министрите и да донесат позитивна одлука со која ќе го повратат кредибилитетот на Европската унија на Западниот Балкан.

 

- Реклама -