Ако не знаете како, прашајте ги Германците

Германците се познати по нивниот перфекционизам, па многу работи и процеси ги имаат доведено до совршенство. Сообраќајот и сообраќајната култура не се исклучоци.

Германците се докажани во автомобилската индустрија, а и сообраќајната култура им е на највисоко ниво. Тие ги почитуваат пишаните правила и закони, но исто така имаат осет за оние непишаните и ги спроведуваат небаре се врежани во камен.

Престројувањето е едно од нив, односно менувањето на коловозна лента кога се спојуваат две во една.

Системот Reissverschlusssystem се темели на идејата престројувањето да се врши во последната можна точка пред спојувањето и да се изведува наизменично, односно по секој автомобил од лентата што го задржува правецот на движење се приклучува возило од другата лента. Овој принцип потсетува на патент и во пракса се покажал како најефикасен.

Овој систем толку добро функционира, што „патент правилото“ влезе и во законската регулатива, па возачите кои нема да пропуштат возило наизменично може да се соочат со парична казна.

Има повеќе причини зошто „патент правилото“ е одлично и ефикасно решение. Психолошки, возачот не мора да биде загрижен и да се нервира дали ќе влезе во соседната лента. Во пракса, овој систем обезбедува движење и на двете ленти, па според истражувањата, овој принцип на престројување ја зголемува ефикасноста на сообраќајот за 20%.

Да, Германците навистина може да држат лекции по сообраќајна култура – не оставаат ништо на случајност и импровизација – нешто што ние би требало да го усвоиме и да ги оставиме зад себе нашите лоши сообраќајни навики.

- Реклама -