Помпео: Не дозволувајте земјата да ја водат руски ботови и тролови и внимавајте од кинески инвестиции

„25 години работиме заедно за слободна, безбедна и суверена Европа и пошироко, а сепак јас сум првиот државен секретар што ја посетува земјава од 2001 година. Јасно е дека беше крајно време за оваа посета“, рече државниот секретар на САД – Мајк Помпео, на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

„Фанстастично е да се биде овде. Многу зборувавме за тоа колку овој регион и оваа земја им значат на САД. Едно е да зборуваме, друго е да го покажеме тоа физички, со доаѓање во посета. Ви благодарам што ме пречекавте мене и мојот тим овде“, му се обрати Помпео на Заев.

Помпео истакна и дека македонските трупи се бореле рамо до рамо со американските во Ирак и Авганистан, како и против калифатот на ИСИС, поради што САД се убедени дека Северна Македонија ќе биде силен и способен НАТО партнер, а најави дека наскоро земјата и формално ќе биде дел од Алијансата.

„Сакам и да ве пофалам за историскиот Преспански договор меѓу Северна Македонија и Грција, кој ќе послужи како основа за поблиски економски врски, особено на полето на енергетиката и за поголема стабилност на Балканот и во Европа како целина. Слично на тоа, го поздравуваме и Договорот за пријателство со Бугарија, што исто така придонесува за духот на добри односи меѓу сојузниците“, рече Помпео.

„Како водечка демократија во светот, САД ги поддржува земјите во стремежот за силно владеење на правото и добро владеење. Ги поздравуваме чекорите што вашата Влада ги презема во борбата против корупцијата и охрабрувањето на поголема одговорност за секој што ја има злоупотребено јавната доверба. Борбата со корупцијата е од критична важност, не само за вашите надежи за членство во НАТО и ЕУ, туку и бидејќи е правилното нешто за демократијата и е правилното нешто за вашиот народ“, порача државниот секретар на САД.

„Силната демократија мора да има слух и за загриженоста на јавноста, како и да преземе цврсти мерки за да оддолее и да се одбрани против штетните влијанија. Срцата и умовите на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат вашата земја напред, а не руските ботови и тролови на социјалните мрежи.

Засилувањето на нашите економски врски беше огромен дел од нашите дискусии. Одржувањето на импресивната посветеност на Северна Македонија кон економска слобода е витално за растот на вашата економија и за да се привлече интересот на американските компании, и искрено, земји од целиот свет. Како и во други земји при моите патувања во Европа, така и овде предупредив на ризиците од кинеските инвестиции и чувствителни технологии, како и кинеската стратегија за обезбедување на инфраструктурни зделки која силно се потпира на поткупување. Сакаме да ја видиме Северна Македонија да успее, а не да се мачи со корупција“, порача Помпео.

Според него, Северна Македонија го канализира духот на она што го порача американскиот претседател Доналд Трамп:

„Минатата недела на Генералното Собрание на Обединетите нации, претседателот Трамп рече дека иднината припаѓа на суверени и независни нации кои ги штитат своите граѓани, ги почитуваат нивните соседи и ги слават различностите кои ја прават секоја земја посебна и уникатна. Северна Македонија го канализира тој дух. САД ќе продолжат да бидат ваши партнери, за доброто на вашите граѓани, на регионот и на светот“, заклучи американскиот државен секретар.

- Реклама -