Заев: Го информирав Помпео за нашите остварувања со кои ја ослободивме зapoбената држава

„За време на нашата средба имав прилика да го информирам господиниот Помпео за нашите остварувања со кои ја ослободивме заробената држава. Поставивме нови темели и ги зајакнавме демократските вредности, институциите и правната држава. Слободата на медиумите е значително подобрена и развиваме инклузивен процес на носење одлуки. Градиме едно општество за сите, мозаик од различности во кој нашиот фокус е ставен на економијата која овозможува шанса за подобар живот на сите граѓани“, рече премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со државниот секретар на САД – Мајк Помпео, кој е во посета на земјава.

Заев додаде и дека Северна Македонија е уникатна земја во регионот поради тоа што нема отворени билатерални прашања со ниту еден сосед. „Договорите со Бугарија и Грција беа историски одлуки и пресудни чекори за остварување на нашите стратешки цели – членството во НАТО и ЕУ“, рече тој.

Тој рече и дека за десетина дена ја очекува долгоочекуваната вест од Брисел – почеток на преговорите за членство во Европската унија. Тоа ќе влијае позитивно на целиот регион. Ќе биде испратена порака дека Западниот Балкан е интегрален дел од Европа, но ќе биде и награден напредокот на реформите и решавањето на тешките проблеми, а тоа ќе ги охрабри и другите земји да покажат политичка храброст, рече Заев.

„Добрите вести за почеток на преговорите со ЕУ и за членството во НАТО се силна порака и за младите од нашата земја: Северна Македонија се менува кон подобро – овде може да се живее добро, а развојот ќе биде побрз само ако младите се ангажирани, тука во својата земја“, продолжи премиерот, додавајќи дека стабилен балкански регион е од интерес за ЕУ од повеќе аспекти; како геополитички, така и безбедносно и економски.

Што се однесува до посетата на Помпео, оцени Заев, тоа е силна порака за континуираната поддршка што САД ѝ ја даваат на нашата земја, како и потврда дека САД се докажан пријател и дека двете земји ќе продолжат да го продлабочуваат пријателството. И Северна Македонија е посветен стратешки партнер на САД, порача Заев, а заедничките заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот, како и заедничките активности во борбата против тepopизмот и против другите закани за мирот ширум светот, се само дел од причините за пријателството меѓу двете земји.

Премиерот му порачал на Помпео и дека земјата е подготвена со уште посилно темпо да учествува во сите глобални иницијативи кои се конфронтираат на дезинформациите и на заканите по демократијата, како и целосно да ги прифати обврските за членство во НАТО.

„Имаме силна политичка волја буџетот за армијата да биде најмалку 2% од БДП и тоа не подоцна од 2024 година. Тие средства ќе се употребат за модернизација на нашата армија и за зајакнување на нашите капацитети и можности да придонесуваме во НАТО“, рече Заев.

- Реклама -