Жена од Западна Австралија интензивно работи на тоа да им забрани на соседите да ја користат скарата во нивниот сопствен двор, меѓу другото. Таа се надева на „правда“ и дека судот ќе пресуди во нејзина полза.
Жителката на Перт, Кила Кардин, тврди дека однесувањето на соседите – мирисот од скарата, чадот од цигари, но и гласните деца, го кршат законот за домување, па оттаму бара правна основа за да ги натера соседите на „добрососедство“.
Во листата на барања, Австралијката побарала и соседите да го намалат осветлувањето во внатрешниот двор, да ги „стишат“ домашните миленици, како и да ги заменат растенијата во градината со други. Таа тврди дека миризбата од скарата и цигарите ѝ создаваат „непотребна непријатност“ во домот:
„Скарата им е поставена таму каде што цело време ми мириса на риба – сè што можам да помирисам е риба“, се жали Кардин, која е веганка. „Не можам да уживам во задниот двор, не можам да излезам таму“.
Судот, меѓутоа, не покажа симпатии кон „премрежијата“ на лутата соседка. Државниот административен суд на Западна Австралија ги отфрли нејзините барања на рочиштето во февруари, вклучително и барањето децата да бидат тивки додека играат во дворот:
„Судот не прифаќа дека родителите, со тоа што им дозволуваат на децата да си играат во задниот двор со мали скутери или играчки, создаваат ‘непотребна непријатност’. Тоа што тие го прават е живеење во својот сопствен двор како едно нормално семејство“, одлучи судот.
Но Кардин не се откажа таму. Одлуката таа ја обжали пред Врховниот суд на Западна Австралија, каде минатиот месец исто така го изгуби спорот, со образложение од судот дека барањата ѝ се неразумни. Сега таа повторно најавува дека ќе продолжи со борбата и ќе преземе понатамошни правни дејствија против соседите.