Наместо свеченост, првиот училишен ден ќе ги освести учениците во каква држава живеат, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Наместо почетокот на учебната година да биде свечен ден, ден кој ќе го паметат сите првачиња и нивните родители, почетокот на школската година заради неспособната и расипничка власт на Зоран Заев е обележан со неизвесност, штрајкови, притисоци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на денешниот штрајк на СОНК (Синдикат за образование, наука и култура) со кој се одложува почетокот на учебната година.

Според најголемата опозициска партија, пораката што ќе ја добијат сите ученици во основните и средните училишта, нивните родители, роднини, но и студенти кои својата иднина ја гледаат во образовниот процес, е дека „Македонија е загубена држава со корумпирана власт која не може да обезбеди ниту минимални услови за пристоен живот“.

„Пораката која Заев ја испраќа до нив е дека тој има време за рекет, за прием на трговци со мapиxyaна, за наместени тендери но не и за решавање на проблемите во образованието.

Прочитајте и:  Град Скопје: Јавниот превоз функционира нормално и покрај притисоците од ВМРО-ДПМНЕ, за жал дел од медиумите наседнаа

Заев испраќа порака дека ако треба ќе продава и име и идентитет за да остане на власт но нема намера да обезбеди пристојни плати за наставниците, ниту пристојни училишта и училници за учениците“, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека нема ништо од новите училишта и инвестиции во образованието кои ги најавуваше власта. Две години училиштето во Башино Село, велешко, велат, стои руинирано, нефункционално, а според нив иста е ситуацијата и со училиштето „Страшо Пинџур“ во Карбинци, но и со субстандардните услови во кои учат и учениците во училиштето „Димитар Македонски“ во Лисиче. За сите овие училишта власта ветуваше дека ќе ги реновира, но три години веќе со прст нема мрднато, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ситуацијата во образованието никогаш не била полоша. СДСМ нанесува само штета. СДСМ мора да си замине за работите во образованието да тргнат на подобро“, повикува опозицијата.

- Реклама -